ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ НЕ Е ПРИФАТЛИВ ЗА СИТЕ ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ НА ЕУ
Францускиот нон пејпер не е прифатлив за сите земји членки на Унијата, порача финското претседателство на ЕУ. Документот не беше тема на денешниот министерски состанок во Брисел, но беше невозможно да се избегне ова прашање кое изминатите денови предизвика реакции во европските кругови. Дел од земјите изразија незадоволство од новите француски предлози, но чекаат на новата Европска Комисија која треба да започне со работа од декември.
Тити Тупураинен финска министерка за Европа - Ги поздравуваме предлозите на сите земји членки, денеска не разговаравме за францускиот предлог, имавме округла маса за состојбата во која се наоѓаме, го слушнавме францускиот предлог, некои го поздравија, некои изразија загриженост, сега чекаме новата Европска Комисија да го започне својот мандат што е можно побрзо и да предложи идеи за напредок во методологијата.
Шефовите на дипломатиите на ЕУ испратија порака - остануваат целосно посветени на проширувањето и европската интеграција на земјите од Западен Балкан. Во меѓувреме реформите мора да продолжат, а ЕУ во март, повторно ќе се наврати на чекорите кои мора да се направат.
Во меѓувреме Франција останува на својот став – реформи мора да има, досегашниот пристап за нив е бавен и не функционира.
„Ние не ги менуваме правилата среде игра што започнала. Гледаме дека процесот не функционира затоа што е екстремно бавен за тие кои учествуваат во него. Процесот не е политички раководен, има автоматизам и народите пред се не се пронаоѓаат во него. Гледате колкава емиграција има, колкав одлив на мозоци од Србија, Црна Гора, а пред нив и од Бугарија, Романија и Хрватска кога преговараа.“ - вели Амели де Моншален министерка за Европа на Франција.
Со писмо до Претседателот во заминување на Европската Комсија Жан Клод Јункер, 6 земји членки денеска побараа продолжување на процесот за проширување. Тие се за нова подобрена стратегија на пристап, но без кочење и непотребно одложување на процесот.
„Подготвени сме конструктивно да се вклучиме во настојувањето да се подобри овој процес. Тоа ќе го направиме на тој начин што тој потфат ќе се направи на ефикасен начин и ќе биде ориентиран на резултати, а ќе овозможи и ЕУ да постигне консензус за отворање на преговори за пристапување на Албанија и на Северна Македонија во март 2020.“
Во Брисел се разговараше и за владеење на правото во земјите членки на Унијата и буџетот до 2027 година- овие теми не се поврзани со проширувањето, но сепак имаат влијание врз процесот.