Францускиот предлог доби зелено светло во бугарското собрание

Бугарското собрание го усвои францускиот предлог но со четири услови под кои Софија ќе го поддржи евро интегративниот процес на земјава.

Имплементирање на договорот за добрососедство, вклучување на Бугарите во македонскиот устав, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети и ништо во пристапниот процес на Македонија да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија, е дел од Усвоениот документ што го предложи лидерот на Демократска Бугарија Христо Иванов, и кој и дава зелено светло на владата во оставка да ја одобри преговарачка рамка.

„Гарантираме дека сите преземени обврски во билатералните протоколи ќе бидат следени на ниво на Европската комисија во Преговарачката рамка, а потоа и на Европскиот совет. Има текст кој целосно ја гарантира еднаквоста на Бугарите во Уставот на РСМ. Во никој случај нема да добијат друг статус. Има многу јасна гаранција дека доколку властите во Скопје не го сменат Уставот, нема да има преговори за членство во ЕУ.“ - изјави : Христо Иванов претседател на Демократска Бугарија.

Предлог-одлуката која по неколку одложувања, експресно беше раздледана во комисијата за надворешни работи денеска заврши на пленарна седница како прва точка. Позитивно за предлогот се изјаснија 170 пратеници, 37 беа против а 21 воздржан. Расправата мина во тензична атмосфера а бугарските народни избраници постојано се обвинуваа за тоа кој бил предавник а кој ги штити националните интереси.

„Многу смело зборувате дека тоа бил најдобриот предлог, како да е тоа барање на Бугарија. Ниту еден предлог не ги покрива нашите барања. Денеска е срамен ден за Бугарија, бидејќи како и секогаш пратениците ќе бидат национални предавници.“ - изјави Тошко Јорданов Има Таков Народ.

„Ако продолжи распродажбата на историјата, пропагандата и јазикот на омразата, ќе продолжиме да воспитуваме поколенија од двете страни на границата кои се мразат.“ - изјави Екатерина Захариева поранешна министерка за надворешни работи на Бугарија.

А бугарскиот премиер во заминување, Кирил Петков побара од Димитар Ковачевски да донесе храбра одлука и да го прифати францускиот предлог, иако после тоа, како што вели, големи се шансите да падна македонската влада.

Во интервју за политико, Петков вели дека компромисот предложен од Франција треба да биде сметан за европски договор, а не само за спогодба помеѓу Бугарија и Македонија.