Франција стравува од нови протести, дали е на повидок втора француска револуција?
Foto

Франција стравува од нови протести, дали е на повидок втора француска револуција?

По најавата за нови антивладини протести на движењето „Жолти елеци“, центарот на Париз ќе биде блокиран и ќе се најде под високи мерки на обезбедување во обид на властите да спречат нови насилства.

Во престолнината Париз, ќе бидат распоредни дополнителни 8.000 припадници на полицијата а издвоени се 14 зони од висок ризик кои целосно ќе бидат расчистени пред почеток на протестите.

Ќе бидат затворени музеите, продавниците и туристичките локации влучувајќи ја Ајфеловата кула и музејот Лувр. Во градот Бордо, во југозападна Франција, властите најавија затворање на десетина јавни и културни институции.

Премиерот Едуар Филип изјави дека во земјата ќе бидат мобилизирани 89.000 полицајци за разлика од минатиот викенд кога по улиците на градовите имаше 65.000 припадници на полицијата. Ќе бидат употребени и десетици оклопни возила на Жандармеријата што е прв случај по 2005 година кога избија немири во париските предградија.

„Се соочуваме со луѓе кои не се тука за да протестираат туку за да уништуваат и сакаме да се обезбедиме со средства кои ќе ги спречат да станат деструктивни“ - изјави Едуар Филип – премиер на Франција.

Премиерот претходно изјави дека е отворен за нови мерки во корист на работниците со најниски примања. Тој во обраќање пред пратениците нагласи дека за време на протестите, безбедносните сили ја бранеле Републиката, а дека биле жртви на насилство кое имало за цел да нападне, повреди па дури и да убие.

Француската влада најпрвин ја суспендира за шест месеци одлуката за еколошка такса која предвидуваше зголемување на данокот на горива а потоа сосема се откажа од неа за 2019. Одлуката беше донесена по немирите во текот на изминатите викенди, кои ескалираа со најголеми насилства во Франција во последните неколку децении во кои загинаа 4 лица, беа повредени повеќе од 100 а 412 беа приведени.

Сепак, одлуката поради која во државната каса нема да се слеат четири милијарди евра, по се изгледа дека не ги убеди демонстрантите да прекинат да протестираат а со тоа и да го намалат ризикот од влошување на кризата.


0 Коментари

Остави коментари