Франција не исклучува дека може да има промени во ставот кон Скопје

Откако средбата Пендаровски - Макрон и Парискиот мировен форум повторно не ни донесоа гаранција за датум, телевизија 24 се обиде да ги побара одговорите во францускиот Парламент. Зошто во Франција е толку непопуларно проширувањето и дали Македонија ќе остане повторно во чекалницата на ЕУ во мај ?

Официјален Париз не сака земји кои отворените врати на ЕУ ќе ги искористат за масовен егзодус, порача Фредерик Пети, пратеник за француските државјани во Германија, Централна Европа и Балканот, член на Комисијата за надворешни работи во францускиот Парламент и политичар кој ги дели ставовите на францускиот претседател. Тој во ексклузивно интервју за ТВ 24 вели дека ЕУ не значи само слободна зона за транзит и развиена економија, туку многу повеќе - нешто што земјите кандидати од Балканот ќе треба да го научат во наредниот период.

„Еден од проблемите на Северна Македонија и Балканот денеска е неатрактивноста и егзодусот на регионот. И сега, ако се интегрирате премногу брзо во Европа, ќе го имате токму овој ефект, затоа што сите најверојатно ќе ја искористат можноста да одат во Германија ќе креираат нерамнотежа.“ - изјави Фредерик Пети француски пратеник и член на Комисијата за Надворешни работи.

Според Пети, Унијата сега е како расипан воз и додека не се поправи нема место за патување. Унијата мора да се реформира за да се направи простор и услови за нови членки.

Макрон вчера кажа дека нон-пејпер од 3ипол страници веќе циркулира низ европските кругови и Париз, сепак што соддржи истиот се уште не се знае, а нема стигнато ниту до рацете на голем дел од француската јавност. Од друга страна пак премиерот Заев е оптимист – задоволен е од вчерашната средба на двајцата претседатели.

„Мене ми е јасно дека следува методологија, која што мора да биде адаптирана и од земјите членки, но и од Европската комисија, само се надевам дека ќе успеат во соодветни временски периоди тоа да го направат заради тоа што држењето на нашата мотивација е важно.“ - изјави Заев. 

Макрон планира да ја посети земјата во првите шест месеци од 2020 година, но дали дотогаш ќе го промени својот став кон брзото проширување и дали следниот мај ќе ги отвори вратите за Македонија, останува да се види.