Франција го ратификуваше протоколот за членство во НАТО

Франција и даде зелено светло на Македонија за влез во НАТО – останува уште Шпанија. Откако Францускиот сенат на 17 октомври го усвои законот за ратификација на Протоколот за членството, денеска официјален Париз го заврши и вториот дел од обврските.

Националното француско Собрание на пленарна седница, како прва почка на дневен ред го стави и изгласа законот за ратификација – со тоа ја крена рампата на Македонија за влез во воената алијанса.

„Очекуваме истата порака да се испрати и на Самитот во Лондон и очекуваме и третманот на нашата држава на Самитот да биде, како де факто – членка на Алијансата. Убавите вести од Париз покажаа дека навистина како држава си ги реализираме своите стратешки цели и убедена сум декла овој стратешки успех ќе ни даде сила да ги завршиме и другите работи. Кога имате ситуација од 29 земји членки – 28 да ратификуваат практично за 9 месеци, тоа ви е силна политичка порака. И таа политичка порака ќе продолжиме да ја испраќаме и во Мадрид.“ - изјави Радмила Шеќеринска министерка за одбрана.

Иако очекувањата беа дека Македонија на 3 и 4 декември на НАТО Самитот во Лондон ќе седне како полноправна членка, ситуацијата се смени поради изборите во Шпанија кои се оддржаа на 10 ноември.

Процедурите предвидуваат новиот состав на Шпанскиот Парламент да се конституира во исто време со НАТО Самитот - на 3 декември. По завршувањето на ратификацијата во Мадрид, последната обврска останува на Македонското Собрание кое ќе треба да изгласа членство во НАТО и со тоа да го заврши процесот. Грција беше првата земја која ја крената рампата за влез на Македонија во Северноатлантскиот Сојуз – со нивната ратификација на сила влезе и Преспанскиот Договор.

Во меѓувреме Франција и Германија се борат за позицијата – европски лидер во НАТО. На вчерашната јавна дебата која се случи токму пред Самитот во Лондон кога ќе се одбележат 70 години од посетоењето на организацијата, шефот на германската дипломатија Хајко Мас порача дека Европа не смее да биде одвоена од САД и побара формирање на комисија. На ова му врати францускиот претставник Ив Ле Дријан кој пак побара група „мудреци“ да ја разгледуваат иднината на НАТО.