Форум за зајакнување на ранливите заедници преку обука и партнерство на проектот „Црн лебед“

Во Центарот за социјални претпријатија во Скопје денеска ќе се одржи Форум за зајакнување на ранливите заедници преку обука и партнерство на проектот „Црн лебед“. Овој проект има за цел да овозможи младите, особено жените, лицата со попреченост и другите ранливи категории, да стекнат потребни вештини, знаења и искуства кои ќе им помогнат да се вклучат активно на пазарот на труд и да ја градат својата економска самостојност.

На настанот, како што е најавено, ќе се обратат министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, раководителот на Билатералниот сектор при Федералното министерство за социјални работи, здравје и заштита на потрошувачи од Австрија, Андреас Шалер и аташето за социјални работи при Федералното министерство за социјални работи, здравје и заштита на потрошувачи од Австрија во Австриските амбасади во Тирана и Скопје, Харалд Бреза-Фугер.

По воведните обраќања ќе има презентација на проектот и панел дискусија со претставници на институциите, граѓанскиот сектор и бизнис секторот.

Иницијативата „Црн лебед“ е проект на Импакт Хаб од Австрија во соработка со Фондацијата Сизигија, насочен на социјалната вклученост на младите жени на возраст од 15-24 NEET (не во образование, вработување или обука) и лицата со попреченост - двете групи кои се соочуваат со системски и културни бариери за економска вклученост.