Фондот за пензиско осигурување мора да црпи пари од државниот буџет за да преживее

Иако се намалува во однос на претходните години, финансиската дупка во државниот пензиски фонд е се уште голема и без помош од централниот буџет, пари не стигнуваат за сите пензии.

Ревизијата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување покажала згомемени приходи во 2022 година, но и покрај тоа, недостигаат дури една третина од парите, кои ги покрива државната каса. Во 2022-та префрлени се околу 530 милиони евра, што тогашо биле околу 12 отсто од вкупниот државен буџет. 

„Оствареното зголемување на приходите во 2022 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година. Имено, расходите за социјални бенефиции (исплата на пензиските примања заедно со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и инвалиднината) во 2022 година изнесуваат 87.607.370 денари за вкупно 335.743 корисници на пензиски примања односно заклучно со декември 2022 година исплатите се за 9,8% повисоки во однос на 2021 година.“

Сепак, состојбата е подобра од пред седум години, кога дупката изнесуваше речиси една половина буџет на ПИОМ. Затоа, експертите предупредуваат дека зголемувањето на пензиите не смее да биде популистичко, туку тоа треба да ги следи зголемувањата на трошоците на живот. Од друга страна, потпретседателката на ВМРО ДПМНЕ Гордана Димитриеска-Кочоска пред еден месец изјави дека за да го исполни изборното ветување за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја укине сегашната методологија, пензиите да се усогласуваат со стапката на инфлација и порастот на просечната плата. Ревизорите предупредуваат на понатамошно зголемување на пензискиот дефицит.

„Се очекува и подолгорочно гледано, финансиското работење на Фондот да продолжи да биде оптоварено со тековниот проблем на зголемен дефицит кој се покрива со трансфери од Буџетот на Република Северна Македонија.“

Покрај ова, државните ревизори утврдиле и други слабости во работењето на Фондот, како оние при пописот и евидентирање во деловните книги, нема податоци за наплатени средства, постојат слабости при реализацијата на јавни набавки, недостигаат ИТ инженери, но и неосновано повлекување пари од сметката на Фондот од страна на извршителите по основ на налози за извршување, во кои како должници се јавуваат корисници на пензија.