Фонд за медиуми – помош или корупција во медиумите?

Владата планира да донесе уредба со која државата ќе им дава пари на медиумите. Ова вчерa во Отвореното студио на ТВ 24 го изјави министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, но од Владата денеска не открија нови детали.

Од каде пари, кои медиуми ќе се финасираат, по кои критеруими и зошто? Единствено велат дека станува збор за иницијално размислување за неселективна помош на медиумите.

Новинарските организации се против давање директни пари во медиумите. Велат нема вистинско новинарство со државни пари, бидејќи тоа едно со друго, не оди заедно и отвора простор за корупција.

Од ЗНМ за оваа мерка првпат слушнале на телевизија. Не биле воопшто консултирани. 

„Се уште имаме трауми од минатото околу јавните пари во приватните медиуми. Знаеме каква штета донесе тоа во медиумскиот сектор. Се уште се опоравува дел од секторот од тој механизам на функционирање што се случуваше. Од друга страна не загрижува тоа што во мометот кога се очекува да се закаже датум за избори, што треба да се случат многу брзо, имаме најава за финансирање на приватни медиуми со средства што Владата ги договара. Се прашуваме зошто овој тајминг, има ли некаква поврзаност со изборите? И мора да се земе предвид дека на овој начин се остава впечаток, да се размислува дека се планира да се влијае врз начинот на кој известуваат медиумите во текот на предизборната кампања.“ - вели Драган Секуловски, директор на ЗНМ.

За лошото искуство со државни пари во медиумите потсетува и синдикатот на новинари.

ССНМ во принцип е против давање јавни пари во медиумите. Владата најавува вакви мерки без никаква консултација со струката. Останува нејасно дали Владата на овој начин би ги помагала сопствениците на медиумите или новинарите и новинарството, затоа што меѓу првите што останаа без работа во времето на корона-кризата беа токму новинари, а во најава во повеќе медиуми е и намалување на нивните плати.“ - велат од ССНМ.

Манчевски пак вчера негираше дека ваквата одлука ќе значи корупција на медиумите, против која СДСМ како опозиција се бореше, туку помош заради пандемијата со Ковид 19.

Од друга страна завршните сметки на четири од петте национали телевизии лани покажуваат добивки кои се бројат во стотици илјади евра.

Оваа мерка како предизборна најава случајно или не доаѓа откако телевизиите во два наврати ги бојкотираа настаните и изјавите на министрите.

Токму оваа Влада на прес конференција кога дојде на власт излезе со податок и со осуда дека за пропаганда на телевизиите Груевски потрошил 38 милиони евра буџетски пари. И покрај јавната заложба, детална истрага за ова никогаш не се спроведе.