Фон дер Лајен: Србија и Косово треба да го прифатат европскиот план за нормализација на односите
Србија и Косово треба да го прифатат планот на ЕУ за нормализација на односите, кој е клучен за стабилноста на целиот регион, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Следната средба меѓу Вучиќ и Курти ќе се одржи на 18 март во Охрид, во присуство на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник за Западен Балкан Мирослав Лајчак.
Европската страна очекува договор за планот за спроведување на основната Спогодба за нормализација или барем значителен напредок.
– Се надевам дека двете страни ќе бидат многу конструктивни во претстојните разговори, рече Фон дер Лајен.
На прашањето дали ќе има последици доколку преговорите во Охрид не бидат успешни, Фон дер Лајен рече дека „прво треба да се преговара, па дури потоа да се погледне резултатот“.
Таа рече дека рускиот напад врз Украина ја истакна новата стратешка важност на процесот на проширување на Европската Унија.
– Војната во Украина ја истакна новата стратешка важност на проширувањето. Сакаме да ги приближиме нашите партнери од Западен Балкан што е можно побрзо до Европската Унија, истакна претседателката на Еврокомисијата.