Физичкото образование е сериозен фактор во борбата против пороците – тандем реформата ќе придонесе кон здрави деца
Наставата по физичко образование во светот се издвојува со својата разновидност во однос на елементите кои ги содржи, нивната подготовка и реализирање во пракса. Во земјава, физичкото образование до пред неколку години се сведуваше на настава каде ученикот ретко кога имаше можност да ја развива својата моторика, а со тоа и да го забрза психо-социјален развој.
Новата реформа „Тандем“ часови по физичко образование која вклучува и професор покрај одделенскиот се очекува да придонесе кон подобрување на квалитетот наставата, унапредување на физичките способности, моторните вештини и знаења од областа на физичката и здравствена култура кај децата.
Деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ), Ленче Алексовска Величковска, вели дека придобивката од ваквата реформа се состои пред се во однос на здравјето на младите генерации и поразителните факти кои говорат дека секое трето дете е со зголемена телесна тежина, но и физички деформитети. За физичкото образование и спортот вели треба да се сфатат како начин на животен стил, а не како предмет кој што мора да се пренесе и напише оценка.
И идните наставници по физичко образование се на ставот дека спортот и физичкото образование се најбитните сегменти при градење на здрава индивидуа.
Квалитетното физичко образование ќе придонесе уште во раната возраст децата да стекнат спортски навики, спортска социјализација, намалување на телесните деформитети, прекумерната телесна тежина и ќе биде сериозен фактор во борбата против пороците во современото општество, вели Алексовска Величковска, посочувајќи дека нема ништо повредно од здравјето на децата.
Министерот за образование и наука, Арбр Адеми, појасни дека дополнителните наставници ќе бидат целосно финансирани од Министерството за образование.
Експертите со кои стапивме во контакт се на ставот дека студијата за растот, созревањето, физичката активност и изведбата се од централно значење за науката на спортот, физичкото образование, човечката биологија и биолошката антропологија. Но и дека физичката активност заменува илјадници лекови, а ниту еден лек не може неа да ја замени.