Физибилити студија за судбината на РЕК Битола - во опција и продажба?
Да се реновира или да се продава РЕК Битола? Извори за ТВ24 велат дека Владата планира да продаде еден од блоковите на битолската термоелектрана, доколку физибилити струдијата која во моментов се прави од страна на странска компанија покаѓе дека не е исплатливо да се прават ремонти.
Според информациите, властите треба да одлучат дали Блок 1ќе се ремонтира со државни пари или ќе се даде под наем на приватен инвеститор. Што тоа ќе значи за енергетската состојба на земјава засега не се открива.
Од ЕСМ ни потврдија дека во моментов се прави физибилити студија, но опцијата продажба на блоковите не е во игра. Само ни соопштија дека се испитува дали може да се подобрат перформанските за производство на струја.
„Се прави физибилити студија која треба да покаже дали може да се подобри работењето на блоковите. Студијата треба да покаже и дали во иднина ќе може на подолг рок да бидат во пуштени во погон трите блока.“ - Извор од ЕСМ.
Енергетските капацитети никако не смее да одат на распродажба, децидни се експертите. Доколку се случи продажба, макар и на дел од РЕК Битола во тој случај сериозно ќе се наруши енергетската стабилност на Македонија. Енергетската криза беше доволен сигнал да покаже дека потребни се инвестиции во енергетскиот сектор, а не продажба на електраните.
„Сите значајни електро енергетски капацитети што оваа држава ги има мора да останат државни. Секои распродавање, од првиот до третиот блок или секое распродавање на хидроелектраните е поткопување на енергетската независност и на енергетскиот суверенитет на оваа држава. Еден од главните столбови на една држава е енергетскиот суверенитет, ако него го поткопате немате држава.“ - вели Атанаско Туневски.
Пред само две недели во јавноста се прошири веста дека грчкиот оператор за струја ИПТО сака да го купи македонскиот преносен систем на електрична енергија МЕПСО. Во тој случај грчките медиуми пишуваа дека веќе е испратена и понуда до македонската влада за купување на МЕПСО. Засега од Илинденска број два не ги потврдуваат овие информации.