Фискалниот совет предлага старосната граница за одење во пензија да се зголеми на 67 години
Во пензија на 67 години и мажите и жените. Ова го предлага Фискалниот совет, кој е државна институција чиј основач е Собранието. Предлогот се најде во стратегијата на Советот за периодот 2025-2029, која парламентот веќе ја усвои.
Оваа измена се планира да се воведе веќе од 2026-тата. Образложението е дека пензискиот фонд, чија дупка и онака е голема, дополнително ќе се зголеми со линеарното покачување на пензиите од по 5000 денари, на што следи и септемвриското услогласување за 3 до 4 проценти. Фондот станува неодржлив, а парите кои ги покрива буџетот за ова – превисоки, но и уставно спорни, коментираат познавачите.
Освен зголемување на старосната граница, Фискалниот совет предлага и зголемување на висината на придонесите.
„Потребни се дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените, така и постепено (макар и благо) зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ (тековно е 18,8%), која моментално е за 2,4% помала во однос на 2008 година кога изнесуваше 21,2%. Кога на ова би се додало стареењето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1500-1700 нови пензионери секоја година, придружено и со преференцијата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензиските приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен.Имајќи го предвид значителното намалување на невработеноста, недостатокот од квалификувана и професионална работна сила, Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти.“
Економските експерти постојано предупредуваат дека зголемување на пензиите без реална основа е само гол популизам, кој му прави дополнителен проблем на пензискиот фонд и притисок на буџетот. Растот на пензиите треба да го следи растот на продуктивноста на работниците, отворањето нови работни места и зголемувањето на платите. Пред десет дена, на дискусија за фискалната политика, во организација на Фискалниот совет и Фајнанс тинк, еден од членовите на советот, академик Абдулменаф Беџети индиректно најави вакви промени.
На предогот на Фискалниот совет реагира од Левица, од каде што велат дека нема да дозволат ниту една институција или Влада да создава робови од македонските работници.
- Ја предупредуваме оваа, како и секоја идна Влада да не си игра со маката на работниот народ. Доколку сакаат интервенираат во ФПИОМ, тогаш нека почнат од нивните функционери кои го доведоа во ваква состојба! Повикуваме, Фискалниот совет да ги преиспита своите мислења. Потребно е спроведување стратешки политики во реалниот сектор кои ја подобруваат положбата на работниците, во спротивно бранот на иселување на млада и стручна работна сила нема да биде спречен, а со тоа нема да се спречи и намалувањето на придонесот во ФПИОМ.
Според Заводот за статистика, пензионерите како категорија имаат најнизок процент на сиромаштија од само 7 отсто. Но, поради нејзината бројност, таа е интересна како гласачко тело за секоја власт. Фискалниот совет беше формиран лани, за да биде контролен механизам на секоја власт против зголемување на дефицитот и јавниот долг.