Фискалната стратегија: Опозицијата обвинува дека јавниот долг е астрономски
Висината на јавниот долг ги скара пратениците од власта и опозицијата на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која се разгледуваше фискалната стратегија за следните пет години.
Пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи вели дека е загрижен од висината на долгот и ја обвини власта дека стратегијата не ги решава проблемите. Тој ја критикуваше министерката за финансии што не се појавила на расправата, што според него, покажува дека и таа не е убедена во содржината на стратегијата.
За власта, Битиќи имал најмалку право да критикува, оти како вицепремиер за економија никогаш не бил присутен на вакви расправи. Бојан Стојановски од ВМРО ДПМНЕ вели дека првите три месеци покажале дека новата влада ќе го зголеми економскиот раст, а ќе го намали долгот.
Воведувањето на електронската фактура и континуираната поддршка на компаниите се реформи кои се важни и кои ќе ја консолидираат економијата, тврди заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски. За академик Абдулменах Беџети и професорката ЈАсна Трпевска постои висок долг на направени, но непријавени долгови, кои достигнува 4 проценти од БДП, кој кога ќе се додаде на вкупниот јавен долг, процентот од околу 65 проценти од БДП е загрижувачки.
Фискалната стратегија е документ кој ги одредува економските правци на државата во следните пет години.