Фискална стратегија: „Од четврта економија во Европа, до поскап живот и понизок стандард“

Поскап живот и понизок стандард – вака накратко може да се преведат најновите економски бројки кои ги објави Владата во фискалната стратегија. Иако првичните ветувања беа дека забрзан раст на инфлацијата е минато, новите ревидирани прогнози покажуваат дека ценовниот шок ќе продолжи да ја " јаде "куповната моќ со оглед на тоа дека наместо првично планираните 3,8 отсто раст на БДП, сега владините проекции покажуваат 3,5 проценти, како и кај инфлацијата дека наместо 2,5 ќе биде 4,5 проценти, што е поголема и од прогнозите на Народната банка.

Поранешниот вицепремиер за економски прашања и сегашен опозиционер Фатмир Битиќи за Тв 24 вели дека ова е резултат на недоволно преземените мерки и несоодветно управуввање со државната каса. Според Битиќи загрижуваат и бројките од Финансии според кои за само три месеци, две третини од планираниот буџетски дефицит за годинава е исполнет.

Во стратегијата стои дека овие бројки воглавно се резултат на неизвесноста и ограничувањата кои произлегуваат од конфликтите и геополитичките тензии кои негативно се одразуваат врз глобалната економска активност но носат со себе ризик да го попречат снабдувањето со енергенси, примарни продукти како и да донесат помал извоз на домашните компании.

,,Основното макроекономско сценарио е придружено со изразени ризици кои се оценуваат како надолни во однос на проектираниот економски раст. Можноста за продлабочување на војната на Блискиот Исток може да предизвика понатамошно зголемување на цените на енергенсите и сериозно да ја доведе во прашање достапноста на истите особено за понеразвиените земји. Таквата состојба може брзо да се прелее врз цените на останатите примарни производи и суровини да доведе до нарушување на синџирите на снабдување и да ги засили инфлаторните очекувања. Зголемената неизвесност и нарушената доверба на меѓународно ниво може да ги забави одлуките на компаниите за реализација на планираните инвестиции. Во однос на домашните фактори забавената реализација на капиталните инвестиции и предвидените реформи може да го одложат очекуваното динамизирање на економската активност.- пишува во стратегијата.

Од Владата не одговорија на нашите прашања кои се следните чекори и дали ќе се преземат нови антикризни мерки за заштита на граѓаните од нови ценовни шокови.

Во меѓувреме лоши прогнози за македонската економија испорача и Народната банка. И од таму очекуваат  помал раст на БДП и повисока инфлација.Статистика, пак за април измери инфлација од 5,7 отсто во однос на лани. Дел од економските експерти сугерираат дека просторот за маневр е тесен, но неопходен. Една од предложените мерки е корекција на минималната плата. Иако тоа би предизвикало минимален притисок врз цените се смета за клучен механизам за заштита на стандардот на најсиромашните граѓани во услови а постојан раст на трошоците за живот.