Фискален совет
Фискалниот совет предупредува дека државата троши премногу пари за пензии. Тие препорачуваат овие трошоци да се намалат под 30 отсто од буџетот. Во спротивно, државната каса на долг рок ќе стане нестабилна.
Првиот човек на фискалниот совет Глигор Бишев вели дека во краткиот период од година и пол работење, советот утврдил дека фискалната стратегија се уште не ја игра улогата на стратешки документ што треба да е сидро за макроекономските и развојните политики на земјата, а стратегијата често се менува, дури и на годишна основа.
Фискалниот совет ја поддржува одлуката на Владата јавните инвестиции да бидат 5 отсто од БДП. Ако парите не се искористат, тие не треба да се пренаменуваат за други трошоци. Наместо тоа, треба да останат за инфраструктурни проекти или да се вложат во посебен фонд за инвестиции. Од друга страна, министерката за финансии се пофали дека економските показатели за минатата година биле над проектираните. Така, буџетскиот дефицит наместо прогнозираните 4,9, изнесувал 4,4 проценти, а намалување е забележано и кај јавниот долг.
Сепак, директорот на Светска банка за Косово и Македонија Масимилијано Получи забележа дека јавниот долг значителни се зголемил и сега е на 62,4 проценти од БДП и е 14 проценти над нивото од пред пандемијата, што се должи на постојани фискални дефицити од пандемијата. Фискалниот совет, кое е независно тело, формирано од експерти, за да и се помогне на владата во фискалните политики, бара да се пресмета како новите закони и мерки ќе влијаат врз буџетот.
Тие предлагаат и воведување ново правило за контрола на јавните расходи. Исто така, препорачуваат да не се менуваат финансиските приоритети пред избори.