Фирма од Бугарија за 350.000 евра ќе ги рекламира и промовира македонските државни проекти
Работа на Владата е да ја промовира својата работа. Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски на прашање на ТВ24 зошто Владата повторно ангажира приватна компанија за промоција на владините проекти. На 1 септември е склучен нов едногодишен договор со „Фрајдеј Комуникации“ вреден околу 350 илјади евра. Истата компанија и лани доби договор за речиси идентични услуги, вреден околу 380 илјади евра, па за две години сумата надминува 730 илјади евра. Наместо конкретен одговор зошто толку пари се трошат за промовирање на работата на Владата во услови на криза, Мицкоски, набројувајќи ги зголемените пензии, инвестициите и полнењето на Буџетот како владини успеси, рече дека работат домаќински и дека она што го интересира е дали јавните постапки се спроведени согласно закон.
Новиот договор е со важност од една година и опфаќа видео и фото продукција и комуникациска кампања за владините проекти. И овој, но и ланскиот и од страна на Владата ги потпишал генералниот секретар Игор Јанушев. „Фрајдеј Комуникации“ е регистрирана во Скопје, а според објавените податоци, косопственици се Марко Костадиновски и „МК медија груп“, компанија регистрирана во Благоевград. За ова денеска реагираше и опозицискиот СДСМ.
„Самите земаа бугарски пасоши, отворија фирми во Бугарија, а сега со народни пари ангажираат бугарска фирма да им ја промовира „успешната“ работа. Ова е лицемерие без граница. Ова организирана криминална група со Мицкоски, која еднаш го продава големиот патриотизам, а денес ги троши парите на граѓаните преку бугарски фирми, за да прикажат дека нешто работат. Не работат ништо освен криминал и корупција. Тоа го прават и не престануваат. Додека граѓаните се мачат со празни фрижидери и нови долгови, Владата плаќа стотици илјади евра за сопствена промоција преку бугарски канал.“
Лани, три дена по трагедијата во Кочани и за време на седумдневната жалост, Владата склучи договор со „Маркет Вижн“ вреден околу 400 илјади евра за истражување на јавното мислење. Откако СДСМ обвини дека во денови на жалост Владата размислува на својот рејтинг, ВМРО-ДПМНЕ го нападна својот политички противник дека води политика на ниски страсти и некрофилија, бранејќи се дека тоа не бил тендер за мерење рејтинг, туку истражување на јавното мислење за проекти и реформи.

