Финската современа кинематографија по прв пат пред македонската публика на МФФ Киненова

На овогодишното 9. издание на МФФ Киненова синоќа прв пат е претставена финската современа кинематографија пред македонската публика. 

-Традиционално МФФ Киненова претставува една кинематографија преку програмата „Фокус на...“ Оваа година тоа е за нас далечната, северна и студена земја, но според филмовите кои се прикажуваат на Киненова, прилично потентна кинематографија, финската, рече директорот на фестивалот Киненова, Небојша Јовановиќ при претставувањето на финската кинематографија на кое присуствуваше претседателката Гродана Сиљановска Давкова и амбасадорот на Финска во земјава, Никлас Линдквист, како и бројни љубители на филмската уметност.

Покрај класикот Аки Каурисмаки, новата генерација фински синеасти започна да го освојува светот со своите интересни приказни од крајниот север на Европа. На програмата се два феноменални филма од финските автори кои во последниве години освоија значајни награди и го освоија вниманието на светските фестивали: „Девојки“ и „Караоке рај“. 

„Девојки“ во режија на Али Хапасало раскажува приказна за три млади жени кои се обидуваат да му пркосат на постојаниот зимски мрак во Финска и се движат меѓу соништата, реалноста, пријателството и врските, обидувајќи се да разберат сè. Улогите ги толкуваат: Аму Милоноф, Елеонора Кауханен, Линеа Леино. Номинации и награди: Берлинале, Санденс, Мотовун.

Али Хапасало е финска режисерка и сценаристка. Добила признание за пишување и режија на проектот „На тенок мраз“, кој е нејзин дипломски филм на познатото филмско училиште за уметности „Тиш“ на Универзитетот во Њујорк. Оваа приказна потоа освои неколку награди во САД и беше номинирана за наградата „Европа“ во 2012 година. Хапасало магистрирала ликовни уметности на истиот универзитет, а поседува и диплома за уметности од филмската школа на Универзитетот во Алто.  „Love and Fury“ (2016) е нејзиниот прв игран филм.

„Караоке рај“, пак, на режисерот Инари Паканен прикажува места, луѓе, песни отпеани за ослободување, фрагменти од среќа, понекогаш смешни, понекогаш болни спомени... Овие моменти од животот се снимени со камера за време на караоке настапи низ финскиот пејзаж. Радоста и меланхолијата се спојуваат како дел од пријателскиот пристап на овој филм, кој ќе остави траен впечаток на неговата публика.
Номинации и награди: Visions Du Reel, „Јуси“ награди – Најдобар документарен филм, ДОКС Барселона.