Финансова полиција за ТВ 24: Фирмите и физичките лица го оштетиле буџетот за над 290 милиони евра

Додека граѓаните мака мачат за да прежиеват, барајќи поевтини цени по маркетите и пазарите, и покрај владината одлука за замрзнати цени, голем дел од маркети, увозници и на овошје и зеленчук како и Кванташки пазар заработија прекршочни пријави.

А три физички и три правни лица вчера заработија кривични пријави. Директорот на Управата за финансиска полиција, Горан Иванов за ТВ 24 вели дека од координираните акции со останатите институции констатирале дека кривичните првично се за затајување на данок со што е направена штета на буџетот на државата со нешто над 290 илјади евра. 

„Се работи за тоа што пријавените физички лица во својство на управители на пријавените правни лица свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекнат сопротивправна имотна корист за себе и з аправните субјекти во период од 1.1.2023 до 25.04. 2023 година значителен дел од набавената трговска стока 112.727.586 денари неосновано ја присвоиле за себе и не евидентирале во сопствената документација. Со тоа што вкупно сториле затајување  и направиле штета повеќе од 18 милиони денари или 295 илјади евра.“ - вели за ТВ 24 директорот на УФП, Горан Иванов. 

Дали одлуките за замрзнати цени, конкретно кај овошјето и зеленчукот, на повидок ги извади недоследностите во почитување на законите и евентуално можната корупција, апсолутно да, вели националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров. Според него, самиот факт што увозниците на овошје и зеленчук признале дека давале лажни фактури  во Царинската управа, одговорност за тоа имаат и царинските службеници кои тоа го дозволиле. 

„Ова е добар момент. Меѓутоа, не требаше Владата да донесе одлука за да дојдеме до ваква ситуација. Тоа е најнормален процес кој секојдневно тие треба да го извршуваат. И она што вие кажавте дека се поднесени кривични пријави, тоа е добар момент. Меѓутоа кривични пријави према тие кои го затаиле данокот. Од друга страна, имаме виновен кој ова го дозволил, а тоа се тие службеници кои биле точно по фактурата, точно по царинската декларација може да се утврди кој царински работник го дозволил односно го вршел ваквото дејание. И по мое видување, односно согласно законот, треба кривично да одговара за злоупотреба на службената положба. Затоа што со вакво дејание е исполнето битието на кривичното дело злоупотреба на службена положба по член 353 од Кривичниот законик.“ - вели за ТВ24, Владимир Пивоваров национален координатор за гранично управување. 

Дополнително, директорот на Управата за финансиска полиција, најави нови кривични пријави и за останати физички и правни лица кои се под лупа на координираната акција на УЈП, ДПИ, МВР и Царинската управа. 

„Сакам да кажам дека дополнително и во завршна фаза, да ја запознаеме македонската јавност, дека работиме и на други кривични дела односно откривање на други кривични дела кои се од надлежност на УФП и така со добиените резултати исто така и за тие ќе поднесеме соодветен поднесок и ќе ги известиме надлежните јавни обвинителства во државата.“ - вели за ТВ 24, директорот на УФП, Горан Иванов.

Додека се разоткрива кој се дозволил кривични дела затајување на данок, а со тоа штета на буџетот на државата а со тоа штета и на грбот на граѓаните, владата ја продолжи одлуката за замрзнатите цени на овошјето и зелечукот и истата важи до крајот ма месец мај.