Finance Think став бр.43 за навремени мерки за спас на економската активност
Foto

Finance Think став бр.43 за навремени мерки за спас на економската активност

Македонската економија забележува значителна контракција, која се очекува да се засилува во претстојните месеци. Економската активност во вториот квартал се очекува да падне многу поостро споредено со кој било период од Македонската независност. 

Најголемиот годишен пад на БДП од 13.2% е забележан во 1992 година, предизвикан од распаѓањето на заедничкиот југословенски пазар, од оневозможувањето пристап до другите пазари на кои производството се пласирало дотогаш, сето проследено со макроекономска нестабилност пресликана врз драстичен пад на куповната моќ на населението. 

Најголемиот квартален пад* од 12.7% е забележан во третиот квартал од 2001 година, предизвикан од внатрешниот конфликт. 

Двете наведени епизоди се сврзани со шокови од неекономска природа и проследени со значајни прекини во производството (шок на страната на понудата) и пад на потрошувачката (шок на страната на побарувачката), и по таа основа се слични на сегашната епизода со економската контракција предизвикана од здравствената криза со коронавирусот Ковид-19. Но, сегашната економска криза, за разлика од претходните, е индуцирана контракција, односно е производ на неопходниот одговор на здравствените власти на коронавирусот, и со далеку поголем опфат.

Оттука, Finance Think укажува дека одговорот на економските власти е итно неопходен, со оглед дека освен неговата добра таргетираност, важна е и неговата навременост. Дополнително, клучните предлог-мерки е неопходно да произлезат од економските власти, со цел да демонстрираат јасна насока, посветеност и координираност на различните економски ресори.

Во моментот, неопходно е комуницирање една сеопфатна цел на економските мерки за борба со економските ефекти од Ковид-19, во следната смисла:

Обезбедување циркуларен тек на средствата во економијата, со цел компаниите да може да исплаќаат плати, работниците да може да располагаат со минимум средства за живот, останатите граѓани да продолжат непречено да ја добиваат социјалната заштита, а буџетот непречено да го финансира здравствениот и безбедносниот сектор.

Оттука, најголем дел од предлог-мерките кои циркулираат во јавниот дискурс треба без одлагање да бидат усвоени како официјални владини мерки, и тоа:

1. Спасување на платните исплати на фирмите. Оваа група мерки се однесува на зачувување на работните места и платите на работниците кои не се во производниот процес поради индуцираната контракција и/или кои имаат драстичен пад на приходите. Владите на Велика Британија и Данска, на пример, плаќаат 80% и 75%, соодветно, од трошокот за плата на работниците. Фирмите имаат обврска да го платат остатокот, за што се поддржани со бескаматни или субвенционирани кредити. Особено е важно да се задржи врската помеѓу работникот и работодавецот (односно да не дојде до откажување на договорот за вработување), што е клучно за побрз излез од економската криза и брзо повторно воспоставување на производството и подигање на побарувачката веднаш по завршувањето на здравствената криза. Клучната предлог-мерка која циркулира во јавноста, за исплата на минимална плата во нето износ од страна на државата, а даночните трошоци ги исплаќа работодавачот, е во оваа насока. Истото се однесува и на кредитите овозможени и/или гарантирани од Банката за развој на Северна Македонија објавени денес

2. Гарантирање на доходот што може да се додели преку шемите за социјално осигурување. И покрај фокусот врз заштита на работните места, економијата ќе се соочи со отпуштања. За спроведување на предлог-мерката со која се зајакнува можноста за стекнување надомест во случај на невработеност неопходна е измена на Законот за осигурување во случај на невработеност, поконкретно суспендирање на став 2, член 71, најмалку точките од 1 до 5, со што ќе се овозможи секое лице кое ќе изгуби работа поради коронакризата да може да се стекне со право на паричен надомест во времетраење од најмалку шест или девет месеци. Дополнително, износот на надоместот може да се зголеми од предвидените 50% на 80% од просечната плата на работникот, во првите три месеци по губењето на работата (член 68). Директни плаќања кон домаќинствата може да обезбедат парична поддршка за домаќинства без доход од работен однос, но за да тие во вакви околности имаат смисла, неопходно е да се суспендираат и/или олабават условите за материјална необезбеденост и за докажување на поседувањето недвижен имот и имотни права при барање социјална помош. Поконкретно, неопходно е да се видозимени член 28 од Законот за социјална заштита. Овој услов може да се воведе повторно по одреден период од завршување на здравствената криза.

3. Обезбедување на неопходната ликвидност на буџетот. Се очекува дека ликвидноста на буџетот ќе почне прогресивно да се влошува од почетокот на април. Посветеност кон строга буџетска консолидација е неопходна преку итен и јасен ребаланс на буџетот. Остатокот потребни средства е неопходно да се обезбедат од странски концесионални кредитори, првенствено поради прогресивното замрзнување на приватните финансиски пазари, што може да значи изгубено време за преговарање без гарантиран позитивен исход.

Паметен, амбициозен и навремен одговор на економските власти може да ги намали штетите врз економијата и домаќинствата. Но, ако одговорот е задоцнет, недоволен и преплавен со идеолошки опортунизам, економската штета може да биде значајно поголема.

0 Коментари

Остави коментари