Finance Think: Ребалансот со реалистично макроекономско проектирање, загрижува зголемувањето на буџетскиот дефицит

„Finance Think“ смета дека со ребалансот на Буџетот има реалистично макроекономско проектирање и дека проекцијата на буџетските приходи соодвествува со економските движења, но изразува загриженост за зголемувањето на буџетскиот дефицит за кој, вели дека не е изненадување со оглед на политичките ветувања во периодот на изборите. 

Од „Finance Think“ оценуваат дека проширувањето на буџетскиот дефицит е целосно застранување од патеката на фискална консолидација, која иако била недоволна, отпочнала по пандемиската 2020 година.

- Сепак, проширувањето на буџетскиот дефицит не е и не смее да се третира како изненадување. Политичките ветувања во периодот пред изборите што се одржаа порано годинава, навестуваа дека за нивното остварување е потребно значително проширување на фискалниот простор, што сега се огледува во 44 проценти зголемување на буџетскиот дефицит, наведуваат од „Finance Think“.

Според нив, во одредена мера, проширувањето е резултат на ветувањето за линеарно зголемување на пензиите од 2.500 денари во септември, односно вкупно 5.000 денари заклучно со март 2025 година.

- Со линеарното септемвриско усогласување, трошокот за пензии е скоро двојно поголем од редовното 
усогласување на пензиите со трошоците на живот и просечната плата, и тоа го притиска новопроектираниот продлабочен дефицит, оценува „Finance Think“.

Проширувањето на фискалниот дефицит, според „Finance Think“ е резултат и на две други тенденции. Првата се 
однесува на истрошеноста на буџетот заклучно со јуни годинава во износ од 71процент што е значајно несразмерно со периодот за кој се однесува, како и поврзаност со повеќеслојната економска криза од претходните години.

- Со ваквата поставеност на основниот Буџет и со предвидениот ребаланс, развојната компонента на буџетот не само што не се зајакнува, туку таа и дополнително ослабува. Во оваа насока, потребна е структурна промена во буџетирањето и во политиките на владата во претстојниот среднорочен период, велат од „Finance Think“.

Во однос на билатералниот заем од Унгарската влада во износ од 500 милиони евра со период на враќање од 15 години со вклучен тригодишен грејс период и каматна стапка од 3,25 проценти, од „Finance Think“ оценуваат дека  позајмување од билатерален партнер, занемарувајќи ја евентуалната политичка компонента, по поповолни услови од моментално пазарните, се чини како конструктивен чекор, иако каматната стапка на било кое позајмување моментално е повисока од остварувањето на економскиот раст во земјава.

Клучното прашање, според „Finance Think“, е искористувањето на овие средства во развојни цели и тоа за инвестициски проекти на компаниите и за нови капитални проекти на општините, наместо за покривање на веќе настанатите долгови од нерационално управување со локалните јавни финансии.

Иако ликвидноста на домашниот банкарски систем е соодветна на макроекономските услови, сепак, како што оценува „Finance Think“, проширувањето на фискалниот дефицит во дел финансирано и од домашната ликвидност, крие дополнителен ризик од тоа фискалната експанзија да влијае каматните стапки во економијата да не може да се симнат во разумен период, што веќе отпочнало во повеќе економии во Европа и светот.