Филмот на 35-милиметарска лента во фокусот на четвртата сесија од Филмската училница во Кинотека
Foto

Филмот на 35-милиметарска лента во фокусот на четвртата сесија од Филмската училница во Кинотека

Во Кинотека на Република Северна Македонија синоќа се одржа четвртата сесија од втората сезона на проектот „Филмска училница“, која беше посветена на филмот на 35-милиметарска лента.

Како што се наведува во соопштението од Кинотека, филмската и телевизиска режисерка Марија Џиџева во првиот дел од „Филмската училница“ ги запозна учесниците со процесот на создавање филмска сторија од идејата до нејзината реализација. Низ низа примери визуелно претставени со проекција на инсерти од десеттина различни филмови од разни периоди, автори, стилови и жанрови, Џиџева говореше за идеите за филмска приказна кои можат да бидат инспирирани од вест во медиумите, настаните во обичниот живот, литературата…

На оваа „Филмска училница“ учествуваа и триесетина ученици од тетовските училишта. Филмологот-советник Игор Старделов и филмологот Арсим Лесковица ги запознаа учениците со дејноста на Кинотеката, начинот на кој се чува националното аудиовизуелно богатство и условите во депоата, процесот на реставрација и дигитализација на филмовите…

Старделов со предавањето насловено „Вкусот на филмот“ ги воведе учениците во тајните на кинематографијата создавана на класичната филмска лента од нитратната и целулоидната ера.

Во вториот дел од „Филмската училница“, како што се истакнува во соопштението, учесниците имаа можност да видат филм проектиран на малку подзаборавената 35 мм лента и од некогаш многу популарниот жанр на репертоарот на домашните киносали. Станува збор за филмот ЗА ГРСТ ДОЛАРИ (Per un pugno di dollari / A Fistful of Dollars, 1964, 99 мин., колор, 35 мм) на Серџо Леоне (Sergio Leone), родоначелникот на тн. „шпагети вестерн“, засебен и екстра популарен поджанр на сите светски меридијани. Филмовите реферираат на класичниот американски вестерн, но главно се снимани во Италија, на италијански јазик, нахсинхронизирани на англиски јазик. „За грст долари“ е дел од трилогијата во која спаѓаат „За еден долар повеќе“ (Per qualche dollaro in più / For a Few Dollars More, 1965, 132 мин.) и, веројатно најпознатиот „Добриот, лошиот и грдиот“ (Il buono, il brutto, il cattivo / The Good, the Bad and the Ugly, 1966, 178 мин.), со Клинт Иствуд (Clint Eastwood) во неговата иконична улога на мистериозниот револвераш.

Учениците од скопските средни училишта кои се учесници во „Филмската училница“ под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева низ десет сесии, кои се одржуваат секоја сабота, имаат можност да ги запознаат основите на филмската историја и на филмскиот јазик, да гледаат филмови од архивот на Кинотека, да анализираат филмски дела, а низ сесиите на „Филмската училница“ и да креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат.

Овој едукативен проект е поддржан од Министерството за култура. Во „Филмската училница“ се вклучени десетина средношколци, кои низ различни едукативни содржини и интерактивно-креативно учење се запознаат со националното аудио-визуелно и културно наследство.

Во реализацијата на „Филмската училница“ учествуваат Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски, Арсим Лесковица, Кире Велков.

0 Коментари

Остави коментари