Филхармонијата ќе го изведе концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола
Foto

Филхармонијата ќе го изведе концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола

Оркестарот на Филхармонија вечер ќе одржи концерт на кој ќе биде изведен концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола, а како солистка ќе настапи Анна Коловска од Русија. Диригент е Борјан Цанев, а на програмата се и „Песна и танец“ од македонскиот композитор Томе Манчев, и „Орава“ од полскиот композитор Војчех Килар.

Астор Пјацола (1921 – 1992) е еден од најзначајните аргентински композитори, кој го револуционаризираше традиционалното танго, носејќи го во нов стил што го нарече „нуево танго“ (ново танго) во кое инкорпорираше елементи од џезот и класичната музика. Првиот концерт за бандонеон и оркестар, познат како „Аконкагва“ (така го насловил неговиот издавач Алдо Пагани, како асоцијација за врв во неговото творештво, аналогно на највисокиот врв во Јужна Америка), Пјацола го создава во 1979 година.

Анна Кришталева Коловска е родена во Армавир, Русија, во 1996 година и уште од рани години се врзува за музиката, редовно концертирајќи и настапувајќи на интернационални и на домашни натпревари. Основното музичко образование го завршува во новокубанското детско музичко училиште, во класата на проф. Михаил Бојко. Во 2014 година, пак, се запишува во Ростовскиот музички колеџ во класата на познатиот професор и заслужен артист на Русија – Јури Шишкин. Нејзиниот репертоар е богат и вклучува композиции од различни музички епохи, дела од Менделсон, Григ, Московски, Лекуона, Кусјаков, Бах, Шчедрин, Семионов…, како и композиции од руската народна музика. Инаку, таа редовно настапува на натпревари, како и на концерти во Русија и надвор од земјата, а нејзините изведби се високо позитивно оценети од страна на критиката и опишани како „интерпретации исполнети со страст и длабочина, во комбинација со долги и драматични скали, деликатен опсег на звукот и брилијантна техника…“ Добитник е на Гранд при на натпреварот „Акордеон плус“ во Ростов на Дон, Русија, во 2012 година, потоа победник е во сениорска категорија за класична музика на Интернационалниот натпревар „Кастелфридардо“ во Италија во 2015 година, а има освоено и прво место на вториот Интернационален натпревар за хармоника во Алкобаса, Португалија, како и прво место на натпреварот „Гридин“ во Курск, Русија, во 2016 година, информираат од Филхармонијата.

0 Коментари

Остави коментари