Филхармонија ќе ги донира парите од „Гајрет“ за настраданите во земјотресот во Турција
Парите од продадените билети за концертот „Гајрет“ кој ќе се одржи в четврток (9 февруари) во 20 часот со солисти од Македонија, Турција и Либан , ќе бидат донирани како помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција, објави Филхармонија.
На концертотот насловен „Гајрет“ на кој како солисти ќе настапат македонската перкусионистка Мојца Седеу и гостите од Турција – Бурџу Карадаг (неи) и Ајкут Коселерли (перкусии). Диригент е Лубнан Баалбаки, а на програмата се Концерт во два става за солист на удиралки и оркестар од Љубомир Бранѓолица, Концертот за неи и оркестар „Хезафрен“ оп 39 од Фазил Сај и Симфонија бр. 8 од Антонин Дворжак.
Љубомир Бранѓолица е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Неговиот исклучително богат творечки опус вклучува опери и балети, камерни и хорски композиции, како и популарни песни. Фазил Сај е исклучителен турски пијанист и композитор, кој повеќе од дваесет и пет години активно настапува на светската музичка сцена, а Антонин Дворжак (1841 – 1904) е еден од најзначајните композитори на музичкиот романтизам.
Лубнан Баалбаки е роден во 1981 година во Бејрут и е најмладиот редовен диригент во Либанскиот филхармониски оркестар. Мојца Седеу е постојан член на Филхармонија од а 1994 година, а од 1998 година е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а предава и на државните факултети за уметности во Приштина и во Тетово. Основач е на ансамблот за удирачки инструменти „Сонант“ во 1998 година. Бурџу Карадаг e родена е во Истанбул, Турција, каде што завршила музика на Државниот конзерваториум, додека Ајкут Коселерли е роден е во Анкара во 1985 година и дипломира на Факултетот за музички и изведувачки уметности на универзитетот Билкен.