Филипче вети, реализација нема, здравствените работници сеуште работат под определно време
Foto

Филипче вети, реализација нема, здравствените работници сеуште работат под определно време

Доктори и медицински сестри и натаму работат со договори на определено време. Здравствените работници се уште чекаат договорите да им бидат трансформирани на неопределено – ветување што беше дадено од страна на здравствените власти уште пред 4 месеци. Од ресорното министерство се правдаат дека постапката била комплексна, но тврдат дека ветувањето ќе биде реализирано. Кога? Не прецизираат.

„Во тек се активности за трансформација на работниот однос на овие лица, во соработка со стручните служби од јавните здравствени установи. Треба да се има предвид дека станува збор за комплексна и обемна постапка, која ги опфаќа сите јавни здравствени установи во државата, но потенцираме дека ова ветување ќе биде реализирано по комплетирање на сите законски процедури.“ - велат од Министерство за здравство.

Откако летово медиумите објавија дека доктори во внатрешноста на земјава работат за плата од 15.000 денари и тоа со договори на определено време, министерот Филипче вети дека на сите вработени во јавното здравство договорите ќе им бидат трансформирани и сите ќе бидат исплатени согласно просечната плата.

„Веќе од утре сите јавно-здравствени инситуции ќе треба да го кажат точниот број поединечно, ние го имаме вкупниот број, за што ќе испратиме барање до Министерство за финансии да се одобри соодветна сума на финансиски средства за тој работен однос да се трансформира. Значи во следниот период сите вработени со договор на дело ќе го трансформираат својот работен однос и ќе бидат вработени на неопределено и доктори и медицински сестри и среден персонал и болничари итн.“ - изјави Филипче.

Според инфомрации на ТВ 24 здравствените установи веќе испратиле барања до надлежните инситуции, но велат повратен одговор од надлежните и согласност за вработувања се уште немаат добиено. 

И додека надлежните ветуваат, на терен статистиките покажуваат дека од почетокот на годинава околу 200 лекари ја напуштиле земјава, а 40тина медицински сестри само од скопските клиники си дале отказ за да работат во странство.

Здравствените власти пак тврдат дека во изминатите две години се дадени 5000 согласности за нови вработувања, а дека во секоја јавна здравствена установа бројот на вработени бил зголемен за најмалку 10 проценти.

0 Коментари

Остави коментари