Филипче: Со дисперзијата на центарот за зависници сликата нема да биде како онаа сега во Кисела Вода
Foto

Филипче: Со дисперзијата на центарот за зависници сликата нема да биде како онаа сега во Кисела Вода

Сликата околу Центарот за зависници, која што ги револтираше жителите на Кисела Вода нема да биде истата со дисперзијата на пациентите, тврдат здравствените власти. Пациентите ќе ја земаат метадонската терапија пред лекарите, со што нема да има расфрлање на шприцеви и игли но и ќе се елиминира можноста за злоупотреба. Освен тоа со намалувањето на бројот на пациенти ќе се зголеми контролата на процесот на лекување, но и ќе се овозможи подобар третман за оваа категорија на лица, вели министерот за здравство, по протестите на жителите во општините каде ќе се дисперзираат пациентите.

„Ќе работиме и со локалното население да им укажеме дека сликата која што ја имаат сега не е вистинската и таа што ќе биде ако се случи дисперзијата, затоа што концентрација на огромен број на случаи, има над 500 пациенти кои што се лекуваат во Кисела вода и тоа е всушност главниот проблем. Помал број на повеќе места едноставно нема да се осетат, ниту пак ќе осетат некаков проблем во однос на медицинскиот отпад, заради тоа што нема да биде расфрлан како што е сега заради огромниот број, ниту пак ќе има проблематични случаи, заради тоа што покрај медицинскиот третман ќе има и психосоцијална поддршка“. - изјави Филипче.

Терапија ќе се дели во поликлиниката Јане Сандански, Ченто и во Карпош, а се планира и отворање на пунктови во Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари.

„Целта на дисперзијата е да покажеме дека секој има право на соодветен пристап до здравствена заштита и второ соодветен квалитет на здравствена заштита...Тоа се наши сограѓани, пријатели, комшии и секој има право да добие третман блиску до местото на живеење, но на соодветен начин и ние таков план подготвуваме“. - изјави Филипче.

Проблемот со Центарот за зависности се провлекува со години наназад, но револтот на жителите во Кисела Вода ескалираше откако пред две години таму беа префрлени и околу стотина пациенти од Клиничкиот центар. Според податоците на здраствените власти во земјава има вкупно 10 центри за зависности, каде терапија примаат 1 950 пациенти.

0 Коментари

Остави коментари