Филипче обвинува за партизација на судството поради притисокот за оставка врз обвинителот Коцевски
Пратениците во Собранието ќе го имаат последниот збор за разрешувањето на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Додека се чека дописот од министерството за правда да пристигне до Советот на јавни обвинители, а потоа од Советот да се даде позитивно или негативно мислење - ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во клинч.
Отстранувањето на шефот на јавното обвинителство Коцевски, лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче смета дека е апсолутна партизација на системот. Тој е против таквата одлука на Владата и вели дека со замена на едни луѓе со други во истиот систем не се постигнуваат реформи во судството.
„Станува збор за партизација на системот. Апсолутно не сакам да коментирам ничија експертиза или знаење како ја работат работата посебно делот на независната судска власт. Апсолутно сметам дека се' што отстапува од реформската агенда и планот за раст не е вистинска реформа. Замена на едни луѓе со други во истиот систем не е вистинска реформа, дополнително ризикот од партизација.“ - Венко Филипче претседател на СДСМ.
За состојбите во правосудството и недовербата на граѓаните, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
„Додека СДС ја ограбуваше државата, Љупчо Коцевски молчеше.Тоа што граѓаните имаат само 2% доверба во правосудството е вина и на Коцевски, зошто со ништо не допринесе тоа да не биди така, или да се подобри, напротив уште повеќе ја влоши состојбата. Љупчо Коцевски како шеф на Јавното обвинителство молчеше додека СДС ги крадеше институциите. Сега откако Коцевски доби одврзани раце да постапува, и беше дадена целосна поддршка од институциите, тој на секој начин се обиде да ги развлече постапките.“ - Бране Петрушевски ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера му порача на Коцевски да не купува време. Посочи дека тој имал доволно време да покаже како се справува со криминалот и корупцијата.
Претходно, шефот на јавното обвинителство преку писмено соопштение реагираше дека Владата ги нема на располагање сите релевантни и точни информации и појасни дека Распоредот за работа на скопското ВЈО, донесен од обвинителот Хајрулахи, бил со важност до 31декември минатата година. Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година. Посочи дека неговото постапување во овој случај и во целокупното негово работење е согласно закон.
Со 62 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“, Љупчо Коцевски беше избран во Собранието пред една година на предлог на претходната владина коалиција. Според Законот за јавно обвинителство, мандатот на на државниот јавен обвинител трае шест години.