Филипче ќе прави петиција против мигранти, Мицкоски тврди нема да има никакви мигранти

Додека британските медиуми тврдат дека Скопје и Лондон „крчкаат“ договор за  центар за враќање на мигранти во земјата, Мицкоски дециден – ниту еден бегалски шатор нема да никне во Македонија.

Шпекулации, салта и гимнастики , порача премиерот Мицкоски, за обвинувањата на опозицијата и најавата на британските медиуми дека од месец септември, во ек се разговори со македонската влада и дека Македонија е меѓу малкуте земји кои активно преговараат со Велика Британија за воспоставување на вакви центри. 

Христијан Мицкоски премиер – Со индигнација ги отфрлам овие шпекулации, дека апсолутно планираме било какви кампови на илегални мигранти, да правиме.  Да потенцирам јасно и гласно пред македонската јавност – таква тема не е разговарана. Но доколку се разговара, исто така ќе биде одбиена од наша страна. Се обраќам пред македонските граѓани – се додека јас сум премиер, претседател на оваа влада – нема да никне ниту еден шатор, во кој ќе бидат сместени илегални мигранти и нема да примиме ниту еден илегален мигрант, напротив ќе ја зајакнеме нашата борба со сојузниците на НАТО против илегалната миграција. 

А првиот опозиционер, веќе, повика на мобилизација -  граѓаните да се кренат против, како што изјави - антидржавното однесување на власта. Фрилипче праша дали е ова цената на 6 те милијарди кредит од Велика Британија и порача дека владата сака да ја претвори Македонија во Мека за мигранти. 

Венко Филипче СДСМ – Дали може да очекуваме дека на мигрантите ќе им бидат дадени мигрантски пасоши и ќе бидат гласачка машинерија на ВМРО ДПМНЕ. Се ближат избори. Мислам дека мора да кажеме одлучно не. Да се крене гласот на народот. Ги повикувам граѓаните да не поддржат и да ни помогнат да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на патриотскарта влада на ВМРО-ДПМНЕ. 

И додека власта и опозицијата се рафрлаат со обвинувања, во Велика Британија се водат дебати за евентуална депортација на мигранти во Македонија. Отворено се разговара и за договор меѓу Скопје и Лондон, според кој на земјата би и биле исплатени 20 илјади фунти по мигрант.

- Мислам дека овој договор, може да функционира, бидејки Северна Македонија има голема потреба од мигранти, има голем проблем на градежната индустрија и треба многу работници, затоа тие ќе бидат многу среќни да приберат повеќе луѓе кај нив, тоа ќе не чини многу пари,  но мора да имаме оф-шор центри и може ова да биде добитна комбинација, објавија медиумите во Британија.

Има и саркастични коментари:

- Не можеме да испраќаме луѓе во афричка земја, тоа би било нехумано. На Африканците не може да им се верува да ги третираат коректно. Но во Северна Македонија може. Да високо корумпирана земја е, се дискриминираат малцинствата, имаат проблеми со слобода на говор и контрола на медиумите, но ништо од тоа не е важно....

Темата за мигранти во Македонија се отвори пред неколку дена, кога британските медиуми објавија дека се преговара - за нелегалните мигранти и оние кои се одбиени за азил да и се даде можност во земјава. . Македонија е транзит држава. За време на бегалско- мигрантската криза поминаа скоро 1 милион бегалци и мигранти, но никој не остана тука.