Филипче: Ја добивме првата битка со коронавирусот

Ја добивме првата битка со коронавирусот. Само ако сме сите совесни и одговорни ќе успееме да ја држиме ситуацијата под контрола, објави вчера оптимистички министерот за здравство Венко Филипче, притоа укажувајќи дека враќањето на животот во нормала ќе се одвива постепено, внимателно и со задолжително почитување на мерките за заштита.

Оптимизмот на министерот се должи на тоа што во изминатите денови поголем е бројот на оздравени од новопотврдени на КОВИД-19 (вчера 44 наспрема 13), како и поради добрата состојба на пациентот кој 12 дена беше на респиратор во ГОБ „8 Септември“.

Тој е прв во државава од почетокот на епидемијата кој е исклучен од машина и сега може самостојно да дише. Добрата здравствена состојба на 38-годишниот пацинет вчера ја потврди и директорот на болницата, Христијан Костов.

– Пациентот сам дише, зборува, свесен е. Веројатно така и ќе продолжи. Ако е во добра состојба уште 24 часа ќе биде преместен од Интензивна нега на оддел. Пациентот неколку дена прима озонска терапија, има протокол на лекување и му даваат антибиотици и антиинфламаторни лекови, рече директорот на ГОБ „8 Септември“, каде што на респираторна машина се уште тројца пациенти.

Во вчерашната евиденција на Министерството за здравство во поминатите 24 часа имаше и двајца починати – 55-годишен пациент од Прилеп, кој во ГОБ „8 Септември“ бил хоспитализиран на 22 април и 13 дена приклучен на респираторна машина, а во болницата во Битола почина пациент хоспитализиран на 4 мај, кај кого посмртно било потврдено присуство на вирусот.

Од  почетокот на епидемијата во земјава КОВИД-19 е потврден кај 1539 лица, оздравени се 1057 и починати 88. Активни случаи има  394. Една третина од вкупниот број заразени (515) се во Скопје, а следна општина по број на дијагностицирани е Куманово со 402. Случаи со потврден вирус има во уште 26 градови.

Општината Кисела Вода вчера соопшти дека до 12 мај нема да работи со странки откако вработен се заразил со вирусот, а пет негови колеги кои биле во контакт со инфицираниот ќе бидат во карантин. За состојбата во Општина Кисела Вода информиран е и Центарот за јавно здравје. На странките кои имаат прашања до Општината им е препорачано да се обратат телефонски.

На Инфективната клиника вчера бил примен еден пациент, а во ГОБ „8 Септември“ има пет нови пациенти. Во болницата во Битола се лекуваат тројца пациенти, во штипската болница четворица, а на ифективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Охрид и Тетово се хоспитализирани 54 позитивни и суспектни на КОВИД-19.