Филипче го обвини Мицкоски за политичко лицемерие и покажа документи од „свиркачи“ за директорот на АНБ, премиерот рече дека изнесува лаги и измислици

Додека вие коленичевте и ја распродававте државата за провизиите од Сингапур и Дубаи, ние работиме и ќе направиме се што е потребно Македонија да ја извадиме на прав пат и да ја однесеме каде што и е местото - во ЕУ. Наша задача е да корегираме се што уништивте. Откако го исплукавте планот за ЕУ, ние ќе се обидеме повторно да го вратиме во живот, му рече премиерот Христијан Мицкоски на лидерот на СДСМ Венко Филипче кој денеска, во рамки на 18. собраниска седница прв поставуваше пратенички прашања.

 

Филипче постави три прашања, сите до премиерот Мицкоски. Покажа и документи од „свиркачи“ за, како што напомена, незаконско назначување на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). 

 

-Владата овие четири месеци се движи во целосно спротивен правец од ветувањата што ги даде пред изборите. Целиот ваш политички успех се базираше на противењето на Преспанскиот договор за кој тврдевте дека е национално предавство. Вие реално и немате друга политика по која би ве паметеле освен носењето на маичките со големо НЕ за Преспанскиот договор. Но, откако седнавте во премиерската фотелја, овој договор стана „ремек-дело на дипломатијата“. Го барате како пример за други договори и од неуморен противник, станавте најгласен поддржувач. Оваа дволичност и врвно политичко лицемерие треба да се изучува во книгите за манипулација со граѓаните. Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете Северна. Па ајде, еве сега е шанса во Собранието да го вратите мандатот. Наместо тоа, вие и вашите министри на мала врата почнавте да го користите уставното име. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков ’рбет, но тоа го знаевме. Го редефиниравте политичкото лицемерие и популизмот. Вашиот ’рбет се свитка, а вашите принципи паднаа, истакна Филипче.

Тој праша кој е планот на Владата за евроинтеграцискиот пат на државата, дали ќе биде обелоденет договорот со „Бехтел и Енка“, како и дали ќе биде разрешен директорот на АНБ.

 

- Мислев дека ќе бидете поконструктивни и дека ќе покажете малку срам. Но, го задржавте нивото кое ви прилега и изнесовте многу лаги и измислици кои немаат никаква врска со вистината, одговори Мицкоски.

Собранието денеска ја одржува 18. седница, на чиј дневен ред се пратенички прашања, први на новиот парламентарен состав по конституирањето на 28 мај годинава. Согласно Деловникот, прашања до премиерот и министрите први поставуваат пратениците од опозицијата.

 

Вообичаено, седниците за пратенички прашања се одржуваат последниот четврток во месецот.