ФФМ го прекина фудбалското првенство, шампион – нема!
Foto

ФФМ го прекина фудбалското првенство, шампион – нема!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на вонредна седница донесе одлука да се прекине сезоната во Првата македонска лига (ПМФЛ). Нема да биде прогласен шампион, иако Вардар имаше убедлива предност на врвот.

Првично беше донесено решение ПМФЛ да продолжи, сепак поради високите бројки на новозаразени и актуелната ситуација со Ренова (во карантин поради пет лица заразени), ФФМ се предомисли и одлучи да ја прекине сезоната. Нема да биде прогласен шампион иако Вардар имаше десет бодови предност на табелата, од ФФМ ја правдаат ваквата одлука со недоволен процент на одиграни натпревари. ПМФЛ беше прекинато на 11 март, по одигрување на 23. коло, а вкупниот календар брои 36. Соопштението за прекинот на лигата ви го пренесуваме во целост:

„На вонредната седница на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија одржана конференциски, имајќи ја во предвид целокупната епидемиолошка ситуација во земјата и фактот дека бројот на ново заболени секојдневно се зголемува, беа донесени следните одлуки: - Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Комисијата за натпреварување за прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 во Прва МФЛ и натпреварувањето во Купот на Македонија; Следејќи ја здравствената состојба во нашата држава, посебно во последните неколку денови и ситуацијата со позитивните тестови на вирусот Covid-19 потврдени кај неколкумина фудбалери од ФК Ренова и ФК Шкендија, потоа процесот на самоизолација од две седмици кои треба да го помине целиот тим на ФК Ренова, како и неможноста во вакви, вонредни услови, земајќи го во предвид и ограничувањето на движење, клубовите да го продолжат тренинг процесот пропишан во здравствениот протокол, Управниот одбор донесе одлука да ја прекине натпрварувачката сезона 2019/2020 во Прва МФЛ. Раководството на Фудбалската федерација на Македонија оваа одлука им ја соопшти и на службите во УЕФА, потенцирајќи ја состојбата во нашата држава од здравствен аспект и неможноста да се предвиди временската рамка во однос на евентуалното продолжување на првенството, односно со ново настанатата ситуација не може да се гарантира дека продолжувањето на националниот шампионат би имал регуларен тек. Од Европската фудбалска Асоцијација (УЕФА) истакнаа дека се исклучително горди на нашата „Куќа на фудбалот“ земајќи го во предвид фактот дека ФФМ и покрај сите предизвици во изминатиот период имаше за цел да направи обид и да ја примени најдобрата опција за продолжување на клупското натпреварувања од Прва МФЛ за да се овозможи правилно, по спортска заслуга, продолжување и завршување на домашното натпреварувања“, се вели во соопштението.

Тие дополнително информираа дека нема да биде прогласен шампион, а кога ќе заврши процесот на лиценцирање ќе се одреди кои екипи ќе играат во Европските купови.

0 Коментари

Остави коментари