Февруарско заседание на ЕП, меѓу точките на дневен ред - приоритетите на ЕК, Украина, американските царини, Блискиот Исток и Србија

Програмата за работа на Европската комисија за 2025 година, состојбата во Украина три години по почетокот на руската агресија, најавите на новата американска администрација за воведување царини за европските производи, стратегијата на ЕУ за Блискиот Исток и случувањата во Србија, ќе бидат меѓу темите за расправа на овонеделната сесија на Европскиот парламент во Стразбур. 

Заседанието започнува доцна попладнево со дебата за Годишниот извештај на Европската централна банка (ЕЦБ). Седницата ќе почне со обраќање на претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, која ќе информира за состојбата на европските и глобалните економии и за активностите на Европската централна банка, по што ќе следи нејзина дебата со европратениците. Од оваа дебата треба да произлезе Резолуција со препораки за тоа на кои прашања ЕЦБ треба да даде приоритет, за која европратениците ќе се изјаснат утре. 

Во продолжение на денешното заседание европратениците ќе расправаат и за ескалацијата на насилството меѓу криминалните групи во Шведска и зајакнување на борбата против организираниот криминал, како и за придонесот на ЕУ за пронаоѓање на лицата исчезнати во војни и конфликти. 

Утре заседанието ќе почне со дебата на тема „Подготвеност за нова трговска ера: мултилатерална соработка или царини“, во чии рамки европратениците ќе расправаат со претставници на Европската комисија и на Полското претседателство со Советот на ЕУ, за најавите на новиот американските претседател Доналд Трамп за можно воведување на царини за увоз на европски производи во САД. Во рамките на оваа дебата се очекува да биде дадена проценка на моменталната состојба на трговските односи меѓу ЕУ и САД, за мултилатерализмот, како и за потенцијалните одговори на Унијата доколку Вашингтон воведе царини за европските производи.