Фестивал „Крај Вардарот џез“ во паркот зад МКЦ
Foto

Фестивал „Крај Вардарот џез“ во паркот зад МКЦ

Во организација на дискографската куќа ПМГЏЕЗ, вечер во 19.45 часот почнува џез-фестивалот „Крај Вардарот џез“. Во рамки на двете фестивалски вечери, на 23 и 24 јули, во паркот зад Младинскиот културен центар, под отворено небо ќе настапат седум македонски џез-состави.

Како што соопштија организаторите, на првата фестивалска вечер настапуваат скопскиот џез музичар Филип Букршлиев, кој ќе отсвири композиции од неговиот соло гитарски албум „Don’t go away mad because the Duke is not coming back“. По него настапуваат ветераните „Сетстат“ и скопските „Зулу 3.4“, кои неодамна го издадоа својот втор албум.

Вечерта ќе ја заокружи „Кантон6Квартет“ – техно-џез хибрид.

Утревечер  фестивалот ќе почне во 20 часот.  Ќе настапи македонски џез хармоникаш и мулти-инструменталист Јордан Костов. По него џез триото „Cobalt code unit“, а за крај, скопскиот состав „Светлост: Одрон Ритуал Оркестар“.

-Заинтересирани сме за проширување на опфатот на тоа што традиционално се вика џез. Македонското поднебје е богато со различни жанровски музички родови. Би било штета ова да не се искористи и убаво е правилно да се презентира пред домашната јавност. Самото сознание дека постојат толку прекрасни музичари, кои работат така квалитетна и различна музика, а речиси никој не им обрнува внимание, за нас е повик за акција. Наша примарна намера и фокус е македонска квалитетна џез музика. Тоа ќе промовираме и таква сцена и практика ќе градиме, велат организаторите.

Влезницата е 100 денари, а двете фестивалски вечери ќе се одвиваат според сите протоколи предвидени за организација на настани од овој тип, поради актуелната ситуација со коронавирусот. Бројот на посетители е ограничен на 300 седишта.

0 Коментари

Остави коментари