Фатиме Фетаи ја повлече кандидатурата за шеф на Вишото јавно обвинителство

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, за МИА, информира дека по електронска пошта добиле известување за повлекување на кандидатурата на обвинителката Фатиме Фетаи за шеф на Вишото јавно обвинителство – Скопје, но дека ќе бараат потврда на веродостојноста на информацијата.

„Добивме мејл, но официјална потврда или негација нема. Јас побарав да ми се јави, но се уште немам повратна информација“, изјави Јолевски за МИА.

Изборот на нов шеф на Вишото јавно обвинителство – Скопје беше на дневен ред на 70-тата седница на Советот на јавни обвинители во понеделникот на 14 ноември, но кога стигна оваа точка, беше одложена, како што беше посочено, за членовите да имаат доволно време за разгледување на досиејата на кандидатите.

Во трка за шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје има тројца кандидати. Обвинителката Фатиме Фетаи, постојниот обвинител Мустафа Хајрулахи и Бурим Рустеми.

Јолевски, одговарајќи на новинарски прашања по седницата, појасни дека оценките и досиејата за секој јавен обвинител се од доверлив карактер и така и се разгледуваат, за што и било побарано дополнително време.

Продолжението на 70-тата седница на Советот за Јавни обвинители е закажано за в понеделник на 21 ноември.