Фајнанс тинк го анализира економскиот раст во третиот квартал
Економијата во Македонија продолжува со умерено закрепнување, забележувајќи раст на бруто-домашниот производ од 3% во третиот квартал од 2024 година, објави институтот за економски истражувања „Фајнанс тинк“, а главните двигатели на економскиот раст во третиот квартал се зголемувањето на трговијата на големо и мало за 10.6% и јавната потрошувачка од 13.3%.
- Последното, пак, следи по значајното продлабочување на буџетскиот дефицит од 5.8% за првото полугодие од годината, иако самиот трет квартал од 2024 заврши со скоро врамнотежен буџет (-0.5%). Додека, бруто инвестициите,извозот и увозот стагнираат во третиот квартал, по падовите кои ги искусија низ целата 2023 и првото полугодие од 2024 година. На производната страна, растот во овој квартал е скоро во целост воден од трговијата (10.6%), како најголем сектор според номиналниот придонес кон додадената вредност, додека евидентен е падот на вториот по големина сектор, индустријата (-4.6%). - FINANCE THINK.
Според анализата на институтот, невработеноста продолжува да опаѓа и во третиот квартал од годинава се намалила на 12.3%. Креирани се околу 7.000 нови работни места, но главно во земјоделството и индустријата, додека во трговијата, и покрај растот на додадената вредност, бројот на вработени се намалува.
Во однос на инфлацијата пак - Фајненс Тинк наведува дека во третиот квартал инфлацијата се намалила на 2,6%....
- Овие тенденции кај цените се во линија со очекувањата за целата 2024 година, за што во прилог оди благото олабавување на притисоците од страната на платите (благо забавен раст од 11.9% и стагнација во однос на претходниот квартал). Но, потенцијални варијации кај цените на одредни групи производи и потезите на фискалната политика налагаат потреба од понатамошна претпазливост во однос на инфлацијата. - FINANCE THINK.
Според проекциите на Фајненс тинк, позитивната динамика на економијата се очекува да продолжи до крајот на 2024 година и во првите квартали од 2025.