Езерскиот сообраќај во Охридското езеро со полна пареа - службите со засилени контроли и ригорозни казни

Серија драматични инциденти, пожари на пловни објекти и итни спасувачки акции го одбележуваат езерскиот сообраќај на Охридското Езеро во досегашниот дел од летната сезона.

Невниманието, но и лошата проценка на временските услови, повторно ги ставија на сериозен тест безбедноста на капачите и наутичарите.​Во засилените акциски контроли што ги спроведоа СВР Охрид, Езерската полиција и Капетанијата на пристаништа, само во една голема акција беа контролирани 63 пловни објекти, при што беа констатирани над 50 прекршоци. Посебно загрижува фактот што дури девет лица беа фатени како управуваат пловни објекти под дејство на алкохол. Од СВР Охрид најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат со уште поголем интензитет.

​Колку условите на езерото можат брзо да се променат покажа и неодамнешниот случај кога Езерската полиција спаси две тинејџерки. Поради нагло засилување на ветерот и високите бранови, тие со СУП-даски биле одвлечени дури 2.000 метри од брегот. Откако девојките сфатиле дека не можат да се вратат и побарале помош, полициска екипа со чамец експресно интервенираше и ги извлече на безбедно, спречувајќи потешки последици.

​И покрај тоа што брзата и професионална реакција на спасувачките екипи овојпат спречи трагедија, настаните од ова лето се уште едно сериозно предупредување дека Охридското Езеро не простува невнимание. Од Капетанијата и Езерската полиција апелираат на максимална претпазливост и најавуваат уште поригорозни контроли до крајот на летната сезона.