Евтина струја за домаќинствата ќе има до 1 јули, а потоа не се знае

Евтина струја за домаќинствата ќе има до 1 јули, а потоа не се знае. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека државни пари за најголемиот производител на електрична енергија во земјава ЕСМ ќе има до средината на годинава, со што цената на струјата ќе се држи на ова ниво. Рано е да се зборува што ќе побараат за покривање на трошоците енергетските компании за втората половина од годинава, смета Бектеши кој е оптимист оти земјава повеќе не била во енергетската криза.

Цената на струјата на ХУПЕКС берзата, која земјава ја зема за репер во овој период се движи помеѓу 70 и 90 евра за мегават час. Домашниот универзален снабдувач ЕВН Хоум за следните шест месеци ја купува од ЕСМ за 58 евра, што е 40 проценти поевтино од струјата на меѓународните берзи. Таа разлика сега ја покрива државата. Засега е нејасно дали идниот универзален снабдувач ќе добие субвенции. Процедурата за негов избор е во тек, откако на 30 јуни истекува петгодишната лицента на ЕВН Хоум. Покрај неа, на новиот тендер се јавија и грчи ЕДС и државната ЕСМ продажба. Нов универзален снабдувач ќе стане оној, кој ќе понуди најниска маржа.

Министерот Бектеши ги повика оние граѓани, кои сметаат дека неоправдано добиле повисоки сметки за струја за јануари, да се жалат во Регулаторната комисија за енергетика.