Евротинк: 80% од граѓаните сметаат дека полицијата не е транспарентна
Само 20 проценти од граѓаните сметаат дека полицијата е отчетна во работата, мал е процентот на пријави во внатрешна контрола, а две третини мислат дека контролата во рамките на МВР не придонесува за намалување на корупцијата и непрофесионалноста на полицијата, покажуваат дел од резултатите од анализата на “Евротинк” презентирана на денешната национална конференција посветена на полициското работење.
Градоначалниците во полицијата, полицијата во судовите. Секој секому го вперува прстот и обвинува зошто перцепцијата на граѓаните е дека полицијата постапува селективно во обезбедување на безбедноста на граѓаните. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека селективност во постапувањето на полицијата нема, а за подобрување на системот треба да се потрудат буквално сите.
Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски оцени дека делови од општините буквално се претвораат во гета, со сериозни безбедносни проблеми за граѓаните.
Сликата во полицискиот систем од независноста на Македонија до денес е значително променета, но потребни се уште поголеми напори. Граѓаните заслужуваат транспарентност и отчетност од полицијата, порача Ерик Мејер, заменик шефот на мисијата на САД во Македонија.
Освен граѓаните, Евротинк ги анкетирала и полицајците кои отчетноста и транспарентноста на МВР ја оцениле со четворка од можна оцена пет.