Европското првенство во Прага годинава едно од најуспешните за македонските млади шахисти

Солидни резултати остварија македонските млади шахисти кои годинава се натпреваруваа на Европското првенство во Прага. Над 50% успешност остварија Моника Жежовска, Софија Беловска, Ахмет Селим Абдурахман и Антон Златков. 

Најдобар пласман оствари најмладата шахистка, Софија Беловска која се натпреваруваше во категоријата до осум години девојчиња. Беловска доби 5 од вкупно 9 поени и обезбеди  21 место од 55 учеснички од Европа, со што постигна и најдобар резултат за македонската репрезентација во нејзината категорија за прв пат. Победи во четири партии против шампионките и претставнички на Шпанија, Естонија, Кипар и домаќините од Чешка, ремизираше со Азербејџан и Чешка и изгуби од Романија, Холандија и Данска. 

- Беловска е најпријатното изненадување. Се работи за голем талент со предиспозиции да стане силна шахистка. Поседува голема упорност, желба, стрпливост во текот на партијата и да не стане од столчето по 4,5 часа, а и по партијата сака да остане во салата и да ги погледне другите партии, што е неверојатно за таа возраст. Мислам дека ќе имаме силна шахистка во идно време, уште повеќе ако се знае дека таа игра шах една година, од кои последните шест месеци континуирано, вели интернационалниот мајстот Марјан Митков, секретар во Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), тренер и претставник на македонската шаховска делегација во Прага.

На европското првенство во шах за амaтери (на кое право на настап немаат велемајстори и интернационални мајстори) се одигра во Мали Лошињ, Хрватска, од 25 август до 1 септермври настапија двајца македонски шахисти, ФМ Роберт Велески од Прилеп (категорија U2300) и Дино Табаковски (категорија U2000).

На официјалниот сајт Chess-results.com се објавени резултатите во трите натпреварувачки категории, за играчи со рејтинг до 2300 поени (U2300), за играчи со рејтинг до 2000 поени (U2000) и за играчи со рејтинг до 1700 поени (U1700).

ФМ Роберт Велески го заврши турнирот со 5 поени од 9 партии, рангиран на 7 место, при што претрпе два пораза во последните две кола кои му го расипаа високиот пласман и шансите за медал.

Дино Табаковски како младинец од школата на ШК Алкалоид пред две години го освои второто место во категоријата U1700 меѓу 80 играчи, а овој пат во повисоката категорија U2000 меѓу 40 играчи влезе со рејтинг како 15 носител. На крајот освои 5,5 поени и беше на делба на седмото место, а според тај-брејк критериумите е рангиран на 8 место. Дополнително, освои 21 поен за ФИДЕ рејтинг листата.