Европско веб истражување за дроги 2024: Во Македонија најмногу се користи канабис, па кокаин

Нелегално набавениот канабис и тоа од непознато потекло, е најкористената дрога во Македонија, а голем дел од корисниците признале дека седнале зад воланот непосредно по конзумирањето, покажува Европското Веб истражување за дроги во соработка со Институтот за јавно здравје. 

Дроги се конзумираат по клубови, барови и забави низ земјава, токму желбата за бурен ноќен живот и потребата од дополнителен стимул да се биде друштвен во опкружувањето, ги распространиле кокаинот и екстазите, истакнале голем дел од испитаниците во истражувањето. Во домашни услови пак, најчесто за релаксација и намалување на стресот, нарко-корисниците употребувале канабис и бензодиазепини без лекарски рецепт.  

Популарни дроги во македонското општество се и разни психоделични и психоактивни супстанции, но според европското истражување, честа пракса е да се употребуваат и повеќе дроги истовремено, како и во комбинација со алкохол и тутун, што придонесува кон значителни здравствени ризици.

Институтот за јавно здравје потенцира дека потребата за дрога во македонското општество се должи и на големи притисоци кои ги создаваат нашите социо-економски услови како и животниот стил. Сепак, недоволен број на наркозависници бараат помош и медицински третман, плашејќи се од стигма но и правни последици.