Европските лидери се заложија за мултинационални сили како безбедносна гаранција за Украина
Идеја за создавање на мултинационални сили за Украина, предводени од Европа и поддржани од САД, со учество на војници од земји од Коалицијата на подготвените, е наведена во заедничката изјава од синоќешната средба на група европски лидери во Берлин.
- Тие би помагале во обновата на украинските сили, во обезбедувањето на небото на Украина и во поддршката на побезбедни мориња, вклучително и преку дејствување во Украина, се наведува заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателите на Финска и на Франција, Александер Стуб и Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерките на Данска и на Италија, Мете Фредериксен и Џорџа Мелони и премиерите на Велика Британија, Кир Стармер, на Норвешка, Јонас Гар Сторе, на Полска, Доналд Туск, на Холандија, Дик Схоуф и на Шведска, Улс Кристершон.
Лидерите посочуваат и дека осигурувањето на безбедноста, суверенитетот и просперитетот на Украина е составен дел од пошироката евроатлантска безбедност, па затоа земјата и нејзиниот народ заслужуваат просперитетна, независна и суверена иднина, ослободени од страв од идна руска агресија.
Во изјавата лидерите го поздравуваат значајниот напредок во напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за обезбедување праведен и траен мир во Украина, како и блиската соработка меѓу неговиот и тимот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските тимови во последните денови и недели.
- Тие се согласија да соработуваат со претседателот Трамп и претседателот Зеленски за да постигнат траен мир што ќе го зачува украинскиот суверенитет и европската безбедност. Лидерите ја ценат силната конвергенција меѓу САД, Украина и Европа. И американските и европските лидери се обврзаа да работат заедно за да обезбедат робусни безбедносни гаранции и мерки за поддршка на економското закрепнување за Украина во контекст на договор за завршување на војната, се наведува во изјавата.
Во неа се истакнува дека овие гаранции и мерки, покрај веќе споменатите мултинационални сили, би вклучувале и обврски за обезбедување одржлива и значајна поддршка на Украина за изградба на нејзините вооружени сили, кои треба да останат на мирновременско ниво од 800.000 лица за да можат да одвратат конфликт и да ја бранат украинската територија.

