Европскиот парламент ја избра Урсула фон дер Лајен за претседателка на Европската комисија
Урсула Фон дер Лајен реизбрана за претседателка на Европската Комисија, порача - иднината на Западен Балкан е во ЕУ.
Во речиси едночасовно обраќање во Европараламентот, Фон дер Лајен го стави проширувањето меѓу клучните приоритети за следните 5 години. Порача дека приемот на нови земји претставува морална, историска, политичка и геостратешка одговорност на Унијата, но и дека ќе се погрижи сите земји да бидат подготвени, пред да се приклучат на европското семејство.
- Пристапувањето секогаш ќе биде процес заснован на заслуги. И ќе се погрижиме сите земји да бидат подготвени, пред да се приклучат. Но, комплетирањето на нашата Унија е исто така во наш основен интерес. И тоа ќе биде основен приоритет за мојата Комисија. Историјата вика уште еднаш. Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија го направија својот слободен избор. - рече Фон дер Лајен.
Од вкупно 707 европратеници, 401 гласаа „ЗА“ Урсула фон дер Лаејн, 284 беа „против“, а 15 „воздржани“. Пред гласањето за нејзиниот нов мандат, имаше долга дискусија, каде се покажа силна поларизација и тензија во новиот состав на Европарламентот.
Пратеничка од Полска, која доаѓа од нова групација - Европа на суверените нации, искина два труда на кои беа напишани Зелениот план и Пактот за миграција и азил и го впери прстот кон Фон дер Лајен, додека таа смирено ја слушаше.
- Како не ви е срам да промовирате нешто како Пактот за миграција, што доведува до тоа милиони жени и деца во Европа да се чувствуваат небезбедни на улиците на нивните градови. Вие сте одговорни за секое силување, за секоја трагедија предизвикана од приливот на илегални имигранти? Затоа што вие ги каните луѓето овде, во Европа. - изјави Ева Зајечковска-Херник европратеничка од Полска.
Имаше и инцидент. Романската европратеничка Дијана Шошоака беше исфрлена од парламентарната сала, откако со викање ја прекина дебатата што беше во тек. Претходно, романската парламентарка, се прослави со барањето да се повика свештеник за да се освети Европарламентот и да се исчисти од „ѓаволите“.
Меѓу новите европратеници има и 24 годишен јутубер од Кипар, кој пак својот глас го даде врз основа на тоа, што бараат неговите следбеници на социјалните мрежи. Најави дека политиката ќе ја направи „кул“.
Реизборот на 65-годишната германска политичарка следеше по преговорите меѓу најголемите пратенички групи во ЕП. Фон дер Лајен доаѓа од редовите на Христијанско демократската унија на Германија (ЦДУ), членка е на Европска народна партија (ЕПП), а за претседателка на ЕК беше номинирана на Самитот на ЕУ одржан на 27 јуни во Брисел.