Европски (не)интеграции
Патот кон ЕУ во лимбо ситуација, донесе длабока политичка какафонија, Мицкоски порача – нема срамни отстапки, Филипче возврати дека владата дојде на власт со лага за ЕУ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска негираше дека земјата влегува во европска изолација и дека државата се движи во правец на откажување од ЕУ. Најави нови разговори со Бугарија, но не кажа кои конкретни чекори ќе ги преземе власта, за да излезе од европската чекална, откако и Тирана доби зелено светло од Брисел.
- Не е аргумент, тие се таму, вие сте надвор, ако сакате, морате да прифатите што сакаат они. Тоа е диктат. Јас диктати не прифаќам во животот. И тука нема цена. Диктати, закани, уцени – не прифаќам. Кој и да е. И тука нема цена. Со нас се македонските граѓани, во позадина се повеќе од 600 илјади македонски граѓани, кои што излегоа на изборите. И се додека тие не поддржуваат, тие ќе бидат нашата инсипрација. Ќе работиме макотрпно за да ги исполниме нивните очекувања. - Христијан Мицкоски премиер.
Опозицијата возврати - владата ги влоши односите со соседите и условите за ЕУ. Според лидерот на СДСМ Венко Филипче, францускиот предлог е дипломатски успех, а вметнувањето на Бугарите во Уставот е придобика, затоа што според нив- во вода паѓа бугарската политика за две држави - еден народ. Опозицијата тврди дека Брисел јасно и порачал на власта дека уставни измени со одложено дејство се невозможна мисија.
- Жалам што оваа влада дојде на власт со една голема лага - дека ќе ги подобреле условите и нашата позиција во преговорите со Европската Унија. Не само што ништо не прават, напротив , тие услови ги влошуваат. Се што прават, во овие сто дена е да ги влошат нашите односи- прво со Грција, а потои и со Бугарија, за да дојдеме и до нова Резолуција усвои бугарскиот парламент. Ниту кажуваат како оваа земја ќе продолжи напред, ниту пак , со каква временска динамика. - Венко Филипче лидер на СДСМ.
И додека премиерот порачува дека уставни измени под бугарски диктат нема да прифати , владиниот коалиционер и прв вицепремиер Изет Меџити оптимист - најавува промена на уставот до крајот на годината. Меџити порача дека интензивно се работи на решенија и дека владата секојдневно работи на ова прашање.
Минатата недела Брисел го раздели пактот Скопје - Тирана и најави отворање на првиот кластер од преговорите со Албанија. Македонија останува во чекалната се додека не го исполни условот - вметнување на Бугарите во уставот.