Европската унија размислува да повлече 36 милиони евра
Foto

Европската унија размислува да повлече 36 милиони евра

Виси во воздух реализацијата на регионалната депонија за Источниот и Североисточниот регион. Две години откако беше одредена локацијата меѓу селата Мечкуевци-Арбашанци и завршени сите студии и истражувања околу влијанијата врз животната средина, општина Свети Николе се предомисли и предлага нова локација- кон Богословец.

„На тој терен кај Мечкуевци има дополнителни инвестиции  во правење на пет мостови, потребно е да се прави нова клучка, а сето тоа не е земено во предвид, кога е бирана локацијата. Депонијата треба да биде оддалечена на 15 километри од Свети Николе и од Пробиштип, а патот на некои места е со три метри широчина, минува низ две села, на тој дел има многу земјоделско земјиште, кое се обработува“, вели Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе

Регоналната депонија за источниот и североисточниот регион се гради со европски грант преку програмата за регионален развој, а нејзината вкупна реализација тежи 46 милиони евра. Затоа предомислувањето пред стартот на инфраструктурните работи на терен не им се допаданало на европските претставници. Неофицијално дознаваме дека за нив е неприфатливо да се изгубат дополнителни две години за да се прават нови студии и анализи. На маса е и идејата за повлекување на 36 милиони евра колку што чини наредната фаза од проектот.

„Барањето е дека во наредните десетина дена треба  да донесеме конечна одлука дали ќе ги повлечеме овие триесет и петте милиони евра како два региони или овие средства да се пренаменат за друг проект. Само за потсетување се решава проблем на над 350 илјади жители од овие два региони“, вели Благој Бочварски - градоначалник на Штип

Подготвителните активности за регионална депонија за источниот и североисточниот регион се почнати уште во 2009-та година. Во стратегијата за оценка на животната средина готова лани пишува дека локацијата кај Мечкуевци и нејзината поширока околина се слободни пасишта и не се користат за земјоделие, а нема ниту населби во радиус од 2 километри. Дали ќе има помрднување во проектот ќе се знае за дваестина дена дена кога според градоначалникот на Свети Николе ќе бидат готови пресметките за новата локација што ќе ги направи  Министерството за животна средина.

0 Коментари

Остави коментари