Европската Унија ги одби предлозите на балканските превозници, најавени нови блокади?!

Српските медиуми пренесуваат дека Европската Унија ги одбила сите предлози на превозниците од Западен Балкан, со кои требало да се реши проблемот со нивниот престој во Шенген-зоната. Истакнато е дека превозниците донеле одлука за повторна блокада на товарните гранични премини, но засега не е познат точниот датум на новите блокади.

„Последниот состанок со нив беше катастрофален. Не прифатија ништо што предложивме, само рекоа – вклопете се во правилото 90/180, поинаку не може“, изјавиле од деловното здружение „Меѓународен транспорт“.

Предлозите на превозниците кои ги упатиле до Европската комисија биле одбиени со коментари дека се „невозможни, премногу креативни и спротивни на шенген-законодавството“. Европската комисија, пак, им предложила на возачите да пријават престој во некоја од поблиските членки на ЕУ, што за превозниците било неприфатливо.

Но, во изјава за ТВ 24, претседателката на „Макам транс“ вели дека сѐ уште трае борбата за правосилност на спогодбата за визната либерализација и дека ништо не е решено.