Европската комисија не го коментира притворот на Јанева
Foto

Европската комисија не го коментира притворот на Јанева

Целосна поддршка на правосудните органи за брза, ефикасна и транспарентна постапка за расветлување на случајот „Рекет“, побара вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи. Тој смета дека со тоа ќе се обезбеди враќање на довербата во институциите и владеењето на правото. Напоменувајќи дека случајот е во тек, Османи изрази задоволство од досегашната, како што рече, одлучност и храброст на правосудните органи и ги охрабри да продолжат со истрагата.

„Неселективната борба против корупцијата е меѓу клучните услови за влез во ЕУ, бидејки таму прагот на толеранција за овие прашања е многу низок“. - изјави Бујар Османи – вицепремиер за европски прашања.

Османи рече дека остануваат неполни два месеца од клучните состаноци на ЕУ, на кои се очекува потврдата за почнување преговори и упати апел до сите да излезат од партиските матрици и да обезбедат стабилна, просперитетна, европска иднина на земјата. Од Европската Комисија засега се воздржуваат од коментари за случајот „Рекет“ и за одлуката за притвор на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Сепак, очекуваат од македонските власти темелна истрага.

„Не коментираме тековни истраги, ЕУ потсетува дека е важно да продолжи борбата со корупцијата од високо ниво и да се воспостави правна одговорност за секаков криминал“. - велат од ЕК.

Извори во Европската Комисија, која одигра значајна улога во создавањето на СЈО за време на преговорите од Пржино, велат дека од блиску се набљудуваат настаните во Северна Македонија околу случајот „Рекет“ и дека засега во ЕК немаат јасна слика за тоа што точно се случува. Уапсена специјалната обвинителка за борба против организиран криминал“; „Скандал во Северна Македонија: Уапсена специјалната обвинителка за изнуда“, се дел од насловите во грчките медиуми за 30-дневниот притвор за специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

„Катица Јанева поднесе оставка минатиот месец, кога локални медиуми открија нејзина наводна вмешаност во рекетот на бизнисменот Орце Камчев. Таа негира каква било нејзина вмешаност. За истиот случај, уапсени се други двајца осомничени дека наводно зеле вкупно 1,5 милиони евра од Камчев“. - пишува АНА МПА.

Грчката новинска агенција објаснува дека Специјалното јавно обвинителство за борба против организираниот криминал беше формирано „врз основа на договорот на Северна Македонија со ЕУ во 2015 година, со кој беше прекината тогашната политичка криза во земјата“. Ројтерс објави сторија за апсењето на Јанева и за случајот рекет. Италијанскиот весник Ла верита, кој објави повеќе снимки од аферата Рекет, најавува дополнителни докази.

0 Коментари

Остави коментари