Европска Комисија за ТВ 24: Скопје и Софија да вложат напори за избегнување на непотребни тензии
Потребни се напори од сите страни за да се избегнат непотребни тензии, велат од Европската Комсија за телевизија 24. Од Брисел потенцираат дека внимателно следат се што се случува меѓу Скопје и Софија и треба да се избегнуваат изјави и постапки кои негативно влијаат на односите.
Во пресрет на 4ти февруари и вчерашната средба на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји со македонските Бугари, портпаролката на ЕК, Ана Писонеро вели:
- Средбата навистина се одржа според јавниот календар, но немаме конкретни детали да дадеме. Многу внимателно ги следиме случувањата како и официјалните одговори на нив. Потсетуваме на важноста на добрососедските односи. Во овој контекст, потребни се напори од сите страни да се промовира меѓусебното разбирање и да се избегнат непотребни тензии. Треба да се избегнуваат изјави и постапки кои негативно влијаат на добрососедските односи. Силно го осудуваме секое поттикнување на насилство.
Северна Македонија се обврза да го измени Уставот. Земјата дава добар пример за мултиетничко општество. Затоа, со измена на Уставот дополнително ќе се унапредат основните права. Уставниот амандман автоматски ќе активира уште една Меѓувладина конференција, без натамошна одлука. Ги повикуваме сите политички сили, вклучително и опозицијата, да работат за ЕУ иднината на својата земја. Билатералните прашања не се услови во пристапните преговори.