Европратеникот Ковачев со нова провокација, Мицкоски очекува извештајот на Вајц да помине

Нема „вековен македонски идентитет“ во нацрт-извештајот на Европарламентот, ниту во текстот, ниту како предлог од било кој европратеник - тоа е манипулација на Скопје. Ова го објави Андреј Ковачев, бугарскиот европратеник од ГЕРБ на социјалните мрежи и порача дека Бугарија го признава макеоднскиот идентиет, но дека тој не е вековен. 

Ковачев го нарече ефтин политички трик обидот на Мицкоски, за како што вели да го претстави извештајот на ЕП како признание за Македонската вечност, додека целта е прикривање на согласноста за вметнување на Бугарите во македонскиот устав. 

- Неговата цел е да прикрие нешто друго - дека тој всушност се согласува со козметичкото вклучување на Бугарите во преамбулата на уставот. Но, да бидеме кристално јасни: Ова не е доволно за да се започнат преговорите со ЕУ. Бугарија (како и која било друга земја-членка) може да го запре процесот во секое време ако: 

- не се почитуваат клаузулите од Договорот за добрососедство од 2017 година и неговите ПРОТОКОЛИ;

- се прекршени правата на македонските Бугари. - Андреј Ковачев.

Ако расправата за Извештајот во ЕП повторно се одложи, граѓаните треба да се свесни дека проблемот е заради идентитетот, а не за Бугарите во Уставот, порача премиерот Мицкоски. 

- Во тој Извештај во неколку наврати се споменува посебниот македонски идентитет и посебниот македонски јазик. Но видовме дека за одредени европарламентарци, посебно за оние кои доаѓаат од исток и тоа било проблем. Што било проблем? Па пред идентитетот и јазикот, додаваат едно зборче пресент, сегашен. Високи политичари од страна на нашиот источен сосед вртеа на високи политичари во Брисел „аман те, заман, не го ставајте сега Извештајот, не ни правете проблем, бидејќи треба да помине еврото во Парламентот. - Христијан Мицкоски премиер.

И додека се чека 24 јуни за гласање на извештајот за Макеоднија, официјална Софија веќе изгласа Резолуција во бугарскиот парламент, со која ги зацврсти ставовите кон Скопје. Бугарските власти испратија и писмо во вид на нон пејпер до претсдателката на ЕП Роберта Мецола и останатите европратеници со наслов : Загриженост во врска со судските и институционалните дејствија насочени кон бугарската заедница во Северна Македонија.

Во меѓувреме молк и за можната средба меѓу Сиљановска и Радев на маргините на НАТО Самитот во Хаг. Неофицијално од кабинетот на Радев за ТВ 24 велат дека се чека одлука на владина седница за тоа кој ќе ја претставува Бугарија во Хаг и се уште не се знае дали Радев воопшто ќе присуствува на НАТО Самитот. Неофицијално, велат, дека тој не одбегнува средба со претседателката Сиљановска.