Европа ја чека нов топлотен бран, во пожарите во Франција и Шпанија евакуирани повеќе од 330 000 луѓе
По досега незапамтените пожари, во Франција е во тек најголемата евакуација на население по Втората светска војна. Иако градоначалникот на Бордо изјави дека самиот град засега не е директно загрозен, бројни населби во неговата околина се целосно евакуирани.
Особено тешко е погодена општината Ле Порж, каде што пожарот речиси целосно ја уништил населбата со околу 3.500 жители. Повеќе од 330.000 луѓе досега се евакуирани во Франција и во Шпанија поради шумските пожари што беснеат низ Европа со недели. Борбата против пожарите дополнително се комплицира од новиот топлотен бран што го погодува регионот. Француските пожарникари намерно ги сечат дрвјата, во очајнички обид да се спасат животи и имот.
Матие Жомен портпарол на противпожарната служба во Франција
„Стратегијата е да се отстрани што е можно повеќе гориво од патот на пожарот. Затоа се расчистува целата вегетација – за да се создаде широка лента за запирање на огнот“,
Францускиот претседател Емануел Макрон свика итен состанок на кабинетот на кој се разгледува ситуацијата со шумските пожари. Шпанските пожарникари се борат со нов голем шумски пожар во близина на Валенсија. Евакуирани се над 15 илјади луѓе. Состојбата е особено драматична поради силниот ветер, високата температура и сушата кои дополнително ги комплицираат напорите за гаснење на огнот.

