Еврокомесарот за правда и внатрешни работи Магнус Брунер на средби со владини претставници во земјава

Да се најдат навремени и одржливи решенија за професионалните возачи, му порача шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски на првиот европски полицаец Магнус Брунер.

Проблемот кои транспортерите го имаат по отпочнувањето на системот за електронска контрола на границите била една од темите кои денеска, при посетата на земјава, европскиот комесар за внатрешни работи и миграција ги разговарал со македонскиот министер за надворешни работи.

Муцунски нагласил дека спроведувањето на системот има директни импликации врз работата на професионалните возачи и превозничките компании.

„Посочив на практичните предизвици со кои се соочуваат професионалните возачи и транспортниот сектор и ја нагласив важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки.“

Во недостиг на официјални изјави по средбата, еврокомесарот Брунер во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека го разбира незадоволството на транспортерите, но нагласува дека системот EES не воведува нови правила, туку само построго ги применува постојните – ограничувањето од 90 дена во 180 останува исто. Според него, системот не е насочен против трговијата, туку има цел да ја зајакне безбедноста, а имплементацијата се спроведува постепено и со одредена флексибилност за земјите членки. Европската комисија веќе разгледува можни долгорочни решенија преку работна група и новата Визна стратегија, при што како практични опции се посочуваат долгорочни визи, дозволи за престој и посебни аранжмани за прекугранични работници.

„Сепак, веќе постојат одредени можности: европското законодавство предвидува можност возачите на камиони да аплицираат за долгорочни визи или дозволи за престој во земјите членки на ЕУ. Исто така, постојат и посебни аранжмани за прекугранични работници.“

Додека траеше средбата Муцунски–Брунер, работната група задолжена за изнаоѓање решение за проблемот со превозниците одржуваше состанок. Билјана Муратовска од Макамтранс за ТВ 24 кратко изјави дека состанокот е во тек и дека засега нема нови информации, најавувајќи дополнителни детали по неговото завршување.

Во меѓувреме, босанскиот министер за комуникации и транспорт објави дека нема добри вести за возачите кои бараат ревизија на шенгенските правила. Ова го соопштил по состанокот со амбасадорите на земјите од Европската Унија. Во исто време, тамошниот конзорциум на професионални возачи бара воведување 12 месечен мораториум за примена на правилото 90 од 180.