Еврокомесарката Кос: Уставните измени и Изборниот законик клучни предизвици

ЕУ е создадена со доверба, не со гаранции - уставните измени се неопходност за старт на преговорите. Ваква порака испрати Марта Кос еврокомесарката за проширување од Скопје. Изјави дека ја охрабрува владата да го почне процесот за вметнување на Бугарите во уставот и порача дека ЕУ ќе работи заеднички на патот кон полноправно членство. 

- Проширувањето на ЕУ не е изградено на гаранции кои што се даваат однапред, туку се гради врз доверба, обврски, посветеност, нивно исполнување и работа. Усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор, за формално започнување на преговорите и затоа уште еднаш – ја охрабрувам владата да го започне процесот кој што наскоро може да донесе измени во уставот, изјави еврокомесарката Кос. 

На прашање до еврокомесарката – како да се изгради доверба со членка на ЕУ која не признава јазик и идентитет, Кос изјави дека не постои рецепт и потсети дека ЕУ била создадена од довербата меѓу две држави ( Франција и Германија) до тој момент непријатели. Порача дека градењето доверба е и со почитување на меѓународното право но и со сите 27 членки на Унијата. 

– Довербата е важна. Но како ќе ја изградиме? Нема рецепти за тоа. Јас не сум онаа којашто може да ви дава совети како да изградите доверба со вашите соседи, но она што го знам е дека колку повеќе доверба имате, толку полесно ќе напредувате низ пристапниот процес. 

Како може да ја изградиме довербата. Можеме да ја изградиме довербата не само со добри зборови, туку и со добри дела. Може да градиме доверба и со избегнување дејства и зборови коишто можат да зголемуваат тензија. Може да ја зголемите довербата кога ќе го почитуваме меѓународното право, ќе ги решеаваме споровите по мирен пат, изјави Марта Кос. 

Дека не може да се дадат гаранции - Кос како пример ја издвои и Украина, која доби зелено светло за кандидатски статус, но потоа беше блокирана од Унгарија.

На прашање до премиерот Мицкоски, на каква карта ќе игра владата и која е опцијата ако пораките од Брисел за уставните измени и гаранциите се јасни, порача 

-  За нас нема во моментот никаква друга опција ниту план Б, за нас единствена опција е членство во рамките на Европската Унија и посветеност во делот на испораката на реформите. Истовремено остануваме на ставот дека секое трајно решение треба да биде засновано на взаемно почитување, заштита на националното достоинство, јасна предвидлива европска перспектива, изјави Мицкоски.

Кос денеска ја пофали земјата за реформската агенда. Изјави дека до 15 јули очекува 100% реализација на 10-те реформи со истечен рок, вклучително и донесување на Изборниот законик и повика на меѓупартиски консензус. Најави дека Македонија ќе добие дел од неискористените средства од Планот за раст што не ги искористија другите земји кандидати.